Милошоски во Хаг: Македонија немаше друг избор освен да тужи
21 март 2011Милошоски во кусото излагање ги отфрли тврдењата на Грција дека Македонија пред Самитот на НАТО во април 2008 година ја прекршила Времената спогодба.
Со тужбата се бара Судот да утврди дека Грција го повредила членот 11 од Времената спогодба, односно го блокирала членството на Република Македонија во НАТО на Самитот во Букурешт под привремената референца. Од Судот се бара и да и наложи на Грција „веднаш да ги преземе сите потребни чекори во правец на почитување на своите обврски од членот 11 од Времената спогодба“.
Одлуката на Македонија да ја поднесе тужбата, според Милошоски, не била донесена лесно, но земјата немала друг избор. „Се определивме да тргнеме по патот кој требаше да го следи и Грција“, рече Милошоски и побара од судот да и наложи на Грција да го почитува времениот договор.
По Милошоски, пред судиите за правните аспекти на случајот и на грчкото вето во Букурешт говореше професорот Филип Сенс. По него се очекува случајот на македонската страна да го образложат и професорите Шон Марфи и Пјер Клајн.
Предвидено е во првиот круг од усната расправа Македонија своите аргументи да ги образложи денеска и утре, додека Грција тоа ќе го стори на 24-ти и 25-ти март. Одлуката на судот се очекува во следните 6 месеци.
Судот кој ќе одлучува по жалбата на Македонија, составен е од 15 судии од целиот свет, а со него претседава јапонскиот судија Хисаши Овада.
Автор: БГ/миа
Редактор: Александра Трајковска