Мигрантите-хомосексуалци осудени на двојна дискриминација
11 декември 2010Во училиштето „Роберт Блум“, во населбата Шенеберг во Берлин, се изведува проект за едукација на млади под името „Комјунити гејмс“, делумно финансиран и од Европската унија. Целта е да се најде начин на кој темата „хомосексуалност“ би станала нормален дел од наставата.
Наставничката по етика Кристине Теске зборува со осмооделенци на тема „хомосексуалност“. Навистина тежок потфат, особено ако се има на ум фактот што речиси сите, од вкупно дваесет и еден ученик во одделението, имаат мигрантско потекло. Тоа значи: дваесет и едно мислење со различно културно влијание за тоа колку е нормално или не да се биде хомосексуалец и дали животот со лице од истиот пол одговара на сопствениот поглед на светот и личните вредности. Кристине Теске прво залепува три постери на училишната табла:
„На секоја од трите слики се прикажани луѓе кои се бакнуваат. На првата имаме две жени, на втората двајца мажи, а на третата маж и жена. Дали за вас има некаква разлика меѓу трите слики?“, ги прашува учениците.
Додека хетеросексуалната двојка беше коментирана со зборови како „љубов, нежност и врска“, учениците за хомосексуалните парови имаа доста рудиментирани мислења. Деврим, ученик во одделението, вели: „Одвратно ми е да гледам такви слики.“
Директорката на училиштето „Робер Блум“ има разбирање за ваквите ставови на учениците:
„Турската, односно арапската заедница, доста остро реагираат во однос на хомосексуалноста, за разлика од Германците, на пример. Во споредба со турската заедница, дебатата за хомосексуалците во Германија е далеку поразвиена.“
Токму затоа е важно на сигурен и доверлив начин да се третира темата, вели наставничката по етика Кристине. Причина повеќе е и тоа што лицата-хомосексуалци со мигрантско потекло се` почесто се предмет на двојна дискриминација од мнозинството: од една страна, зашто се мигранти, а од друга, бидејќи ги привлекуваат лица од истиот пол.
Автор: Рихард Фукс / Далибор Стајиќ
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска