1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел цврсто на кормилото

Е.М.Фиданоска /дпа/афп/ртр9 декември 2014

Ангела Меркел е повторно реизбрана на функцијата лидер на Христијанско-демократската унија. За нејзе на партискиот конгрес во Келн гласаа 96,7% од делегатите, што е втор најдобар резултат на Меркел досега.

https://p.dw.com/p/1E1YB
Фотографија: Reuters/K. Pfaffenbach

Од 919 делегати кои го дале својот глас, за Ангела Меркел се изјасниле 884-ца. Против Меркел биле 30 делегати, а петмина биле воздржани.

Пред две години, пред изборите за Бундестагот во 2013 година, Ангела Меркел беше реизбрана на функцијата со рекордни 97,9% од гласовите. Таа е на чело на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) од 2000 година, а денеска (9.12) во Келн беше избрана по осми пат за партиски лидер.

Меркел се заблагодари за „огромната доверба“ и вети дека ќе биде направено се‘ за ЦДУ и натаму да биде успешна. Меркел во својот говор пред присутните го обвини коалициониот партнер СПД дека „банкротирал“ поради тоа што учествува во влада со партијата на Левицата во покраината Тирингија. Тоа што социјалдеморкатите, како горда левичарска народна партија, прифатиле јуниорска улога во покраинската влада, според Меркел, го отвора прашањето: „Колку уште поминорна може да се направи СПД?“

Шефицата на ЦДУ нагласи дека либералите „остануваат наш природен коалиционен шартнер“ и покрај хроничната слабост на ФДП. Во однос на Зелените, шефицата на ЦДУ повтори дека жали што разговорите околу можна коалиција по изборите во 2013-та биле безуспешни.

Канцеларката ја повика својата партија да ги согледа шансите за промени. „Да бидеме храбри во овие напрегнати времиња“, повика таа, притоа мислејќи на промените кои се неопходни во сферата на трудот поради неизбежната дигитализација. Истовремено, Меркел ги бранеше заклучоците на владата за подобрување на пензиите за постарите мајки и одлуката да нема ново задолжување во буџетот за 2015 година.

Да се задржи притисокот врз Русија

Во однос на надворешната политика, Меркел во Келн рече дека има намера да го задржи притисокот врз Русија. „Нема да ги надминеме проблемите ако не ги нарекуваме јасно, со нивното вистинско име“. Русија со анексијата на Крим го прекрши меѓународното право и ги претвора соседните земји во сфера на свое влијание, рече Меркел, оценувајќи дека „целта мора да остане територијално нечепната Украина“, која е слободна сама да одлучува за својата иднина. Меркел на Русија и‘ се закани со нови санкции. Таа рече дека знае колку е тоа болно за германската економија. „Санкциите не се цел сама за себе, но се носат кога се неизбежни“, подвлече канцеларката.