Меркел скептична за повлекувањето од Авганистан во 2014-та година
12 март 2012Германската канцеларка Ангела Меркел престојува во ненајавена посета на Авганистан во чиј фокус се пред се’ средбите со германските војници стационирани во оваа земја во рамките на заштитните трупи ИСАФ, предводени од НАТО.
Таа за време на средбата со војниците во германската база во авганистанскиот град Масар и Шариф изјави дека не може со сигурност да каже дека меѓународните сили ќе се повлечат до 2014-та година, како што првично беше планирано.
„Напредок во помирувањето со талибанците“
Според Меркел постигнат е определен напредок во процесот на помирување со талибанците , но тоа не е доволно за повлекување на странските трупи од земјата.
„Затоа не можам и да кажам дека повлекувањето ќе биде направено до 2013-та или 2014-та година. Волја за тоа меѓутоа постои“, истакна канцеларката.
Меркел, чија ненајавена посета на Авганистан се одвива под остри мерки на безбедност, во Масар и Шариф се информираше за ангажманот на германските војници во регионот и им оддаде почит на досега загинатите 50-ина припадници на Бундесверот во Авганистан.
Меркел требаше да ги посети и војниците во Кундус, но временските услови не дозволија канцеларката да полета кон оваа провинција.
Сочувство до Карзаи
Ова е чатврта посета на германската канцеларка на Авганистан , каде за првпат беше во 2010-та година. Германскиот Бундесвер во оваа земја има ангажирано околу 5.000 војници
Посетата на Меркел на Авганистан е во сенка на масакрот кој викендов го изврши американски војник на југот на земјата. Во телефонски разговор утрово со претседателот Хамид Карзаи канцеларката во свое и во име на германскиот народ му изрази на претседателот сочувство за загинатите цивили. Според авганистански владини извори, американски војник ноќта меѓу саботата и неделата во провинцијата Кандахар убил 16 цивили, меѓу нив девет деца и три жени. Војската на САД во меѓувреме соопшти дека војникот е упасен и дека имал психички проблеми. Крвопролевањето ги оптоварува и онака затегнатите односи меѓу Кабул и Вашингтон.
Автор:СН/ЖА/дпа/афп/дапд
Редактор: Жана Ацеска