1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел предупредува од омраза кон странците

Улрике Кваст/Ж. Ацеска31 декември 2014

Германската канцеларка Ангела Меркел во своето новогодишно обраќање апелираше на единство на Европа. Со оглед на бројните војни и конфликти низ светот, таа на бегалците им вети помош од Германија.

https://p.dw.com/p/1EDYK
Фотографија: Reuters/Maurizio Gambarini

Единството во Европа е клучот за решавање на кризата во Украина, изјави германската канцеларка во претходно објавените извадоци од нејзиното новогодишно обраќање. Недискутабилно е дека „ние во Европа сакаме заедничка безбедност со Русија, а не против Русија“. Но, исто толку недискутабилно е - „Европа не може и нема да го прифати наводното право на посилниот, кој го крши меѓународното право“, истакнува Меркел со поглед кон нерешениот конфликт во источна Украина. Во одговор на тоа, Европа реши да не дозволи да биде разединувана, туку да преземе акција, поединствена од кога било, со цел - одбрана на мировниот поредок и своите вредности. Во 2014 година Европа, со веќе долго неприменувана тврдост, осозна што значи кога се се доведуваат во прашање темелите на европскиот мировен поредок.

„Исламска држава“ ги загрозува вредностите на Европа

Во својот новогодишен говор канцеларката Ангела Меркел предупреди и од опасноста што произлегува од терористичката милиција „Исламска држава“. Терористичката група во годинава на изминување „ги прогонуваше и ги убиваше на бестијален начин сите луѓе кои не се потчинуваа на нејзините владејачки желби“. „’Исламска држава’ ги загрозува и нашите вредности кај нас, дома“, истакнува Меркел.

Hannover Ankunft Flüchtlinge aus Syrien 2013
Германија ќе остане отворена за бегалцитеФотографија: picture-alliance/dpa

Доселувањето е добивка за Германија

Меркел, со оглед на бројните војни и конфликти низ цел свет, им вети помош на бегалците. Моментно има толку многу бегалци, колку што немало од времето на Втората светска војна. Многумина од нив и‘ избегале на смртта. „Разбирливо само по себе е да им помогнеме и да примиме луѓе кои бараат засолниште“. За Германија е комплимент ако овде слободно, без страв, можат да растат децата на прогонувани луѓе. Независно од оние кои бараат заштита, доселувањето е „добивка за сите нас“, рече Меркел.

Остро предупредување против антиисламските демонстрации

Меркел со јасни зборови се обрати и кон приврзениците на антиисламското движење „Пегида“, кои демонстрираат против наводно отуѓување на Германија. Таа апелираше до граѓаните да не дозволат да бидат инструментализирани од иницијаторите на протестите, кои сакаат да ги изолираат луѓето со друга боја на кожата и различна религија.

„Затоа, им се обраќам на сите кои одат на овие демонстрации: немојте да ги следите оние кои ве повикуваат на нив. Зашто, често кај нив владеат предрасуди, студенило, дури и омраза во нивните срца“. Канцеларката критикуваше што демонстрантите се служат со паролата од граѓанското движење од Германската Демократска Република: „Ние сме народ“.

Силата лежи во заедништвото

Ангела Меркел ги охрабри германските граѓани пред претстојната 2015 година и ја истакна вредноста на заедништвото. „И во следната година треба да се сплотиме околу она што го јакне заедништвото на нашата земја“. Со тоа нашето општество станува почовечко и поуспешно и тоа е основа за нашиот успех. Со тоа земјата може да ги совлада и надоаѓачките предизвици, како дигиталната револуција, која фундаментално го променува нашиот живот, како и искушенијата на општеството што старее, истакнува канцеларката.

Меркел најави свој личен ангажман за заштита на климата во рамките на германското претседателство со Г7, седумте водечки индустриски нации, во следната година. За таа цел, треба конечно да се успее да се постигнат нови, обврзувачки договори.