Меркел останува на чело на ЦДУ
2 декември 2008Германската канцеларка Ангела Меркел по петти пат беше единствен кандидат за функцијата претседател на Христијанско - демократската унија. Во Штутгарт за нејзиниот реизбор се изјаснија 94,8 насто од делегатите на партискиот конгрес на ЦДУ. Ова е втор најдобар резултат што го остварила Меркел досега.
Претходно во својот добро осмислен и решителен говор, таа пред своите сопартијци повторно се изјасни против итно намалување на даноците во земјата. Истовремено, самоуверено порача дека во случај на долготрајна рецесија, не ја отфрла можноста за натамошни мерки за помош на стопанството.
„Германија ќе ги држи отворени сите опции, со цел и натаму делотворно да се справува со последиците од оваа криза. Потенцирам: сите опции“, изјави канцеларката во обраќањето пред околу 1000 делегати на партискиот конгрес на Христијанско -демократската унија.
Канцеларката е против намалување на даноците
Меркел, меѓутоа, повторно нагласи дека не ги прифаќа предлозите владата набргу да донесе одлука за намалување на дел од даноците во земјата. „Ние нема да учествуваме во бесмислениот натпревар со милијарди, зашто во вакви времиња имаме одговорност пред денешните и идните даночни обврзници“, истакна старо-новата претседателка на ЦДУ. Таа најави дека веќе на почетокот на јануари ќе биде преиспитано како досега се спроведуваат владините мерки за стабилизација на економијата, и ќе се дискутира за можни нови импулси за стопанството.
Меркел повика на единство во партиите на Унијата
Со оглед на актуелната економска криза и на претстојната изборна година во Германија, шефицата на ЦДУ, повика на единство на Христијанско - демократската унија и сестринската партија Христијанско - социјалната унија (ЦСУ). Меркел притоа се заложи партиите на Унијата да водат политика на центарот. Таа, иако, извлече генерално позитивен биланс за тригодишното функционирање на големата владина коалиција што ја предводи, сепак жестоко го критикуваше актуелниот коалиционен партнер Социјалдемократската партија. „Партиите на Унијата ( ЦДУ и ЦДУ) сакаат своите планови по изборите наредната година да ги реализираат заедно со Либералната партија“, порача Меркел. Таа ги најави и клучните точки на изборната програма на ЦДУ. Меѓу нив спаѓаат даночната реформа и запирање на процесот за откажување од атомската енергија во земјата.