1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Нема да има привилегии за Велика Британија

ЖА/афп/дпа28 јуни 2016

„Мора и ќе постои осетна разлика дали некоја земја сака или не да е членка на семејството на ЕУ“, изјави германската канцеларка во Бундестагот. Европарламентарците пак бараат „брз развод“.

https://p.dw.com/p/1JExl
Фотографија: picture-alliance/dpa/K.Nietfeld

Германската канцеларка Ангела Меркел истакна дека во идниот однос на ЕУ кон Велика Британија нема да има никакви поволности. „Мора и ќе постои осетна разлика дали некоја земја сака или не да е членка на семејството на ЕУ“, изјави германската канцеларка. „Оној кој сака да истапи од ова семејство, не може да очекува отпаѓање на неговите обврски, но натамошно задржување на привилегиите.“

Ова беше клучната порака во владината изјава која Меркел денеска (28.06.2016) ја имаше на вонредната седница на германскиот парламент по повод британскиот референдум. Владината изјава беше дадена во пресрет на попладневната вонредна седница во Брисел на ЕУ на истата тема - одлуката на Британците за излегување од ЕУ, донесена на референдумот во четвртокот.

Меркел во Бундестагот изјави: „Ќе инсистираме преговорите да не бидат водени според принципот на егоистички привилегии.“ Оној кој сака слободен пристап кон европскиот внатрешен пазар, мора за возврат да ги акцептира европските основни вредности: оние кои се однесуваат на луѓето, на стоките, услужните дејности и капиталот, смета Меркел.

Приврзениците на брегзитот го користеа доселувањето од државите на ЕУ како аргумент против останувањето на Велика Британија во ЕУ. Меркел јасно кажа - Велика Британија не може да се изолира против граѓаните од ЕУ, а истовремено да ги користи другите економски предности на единствениот европски внатрешен пазар.

Канцеларката повторно истакна дека Велика Британија мора да достави барање за излез од ЕУ, без што нема да има претходни преговори околу идните односи кон Унијата. На Британците мора да им е јасно дека Германија и ЕУ ќе ги водат преговорите врз основа на своите сопствени интереси. Во нив спаѓаат и единството на останатите 27 членки на Унијат, како и интересите на германските граѓани и претпријатија.

Меркел предупреди- при целата возбуда околу брегзит, не смеат да бидат запоставени останатите важни задачи на ЕУ. Без оглед на одлуката на Британците, Европејците ни секунда не смеат да ја испуштат од вид ситуацијата на бегалците од Сирија или Ирак. Глобалните проблеми како бегалци, глад, промена на климата и тероризам можат да бидат решени само со заеднички сили. Канцеларката ја признава посебноста на ситуацијата по британскиот референдум, фактот што Унијата се наоѓа на историска пресвртница. Но, според Меркел, ЕУ не се наоѓа во егзистенцијална криза. „ЕУ е доволно силна за да го поднесе заминувањето на Велика Британија. Таа е доволно јака да продолжи нанапред и со останатите 27 членки.“

Belgien Europaparlament Brüssel
Фотографија: picture-alliance/D. Kalker

Европарламентарците бараат „брз развод“

Европскиот парламент пак, по одржаниот референдум за брегзит, ја повика Велика Британија што поскоро да прогласи излез од ЕУ. Волјата на британскиот народ мора да биде почитувана и што е можно поскоро да биде активиран членот 50 од Европските договори, се вели во резолуцијата од вонредната седница одржана денеска, на која широко мнозинство пратеници гласаа за неа, 395, 200 против, а 71 воздржан.
Европарламентот притоа ја промени првичната предлог-верзија, која предвидуваше барање за итно активирање на членот 50, со цел излезните преговори со Британија да завршат во предвидените две години.
Лондон сепак не може да биде принуден да ја поведе излезната процедура. Британскиот премиер Дејвид Камерон сака активирањето на излезното барање да му го препушти на својот наследник, кој ќе биде утврден во септември. Камерон исклучи можност на денешниот вонреден самит на ЕУ да го соопшти официјалното излегувањето на Велика Британија од ЕУ.