Меркел отфрла затворање на македонско-грчката граница
16 февруари 2016Клучна надворешна Шенген-граница на ЕУ од аспект на бегалското движење е границата меѓу Турција и Грција, вели во интервју за „Штутгартер цајтунг“ германската канцеларка Ангела Меркел. Таа на оваа тема уште дообјаснува:
„Едноставно во Македонија, која не е членка на ЕУ, да се гради заштитна ограда, без притоа да се загрижиме во каква состојба тоа би ја довело Грција, би било не само неевропско однесување, туку тоа не би решило ниту нашите проблеми.“ Меркел признава дека Грција не ги исполнува доволно своите обврски за заштита на надворешната граница на ЕУ, но според канцеларката - подобриот пат е да ѝ се помогне на земјата. Мерке е против идејата за Мини-Шенген како алтернатива за сегашниот простор без граници. „Тоа би било тешко уназадување на ЕУ. Мора да претендираме со тоа да излеземе на крај на поинаков начин“, нагласува Меркел за „Штутгартер цајтунг“.
Во коментарот на „Зиддојче цајтунг“ со наслов „Канцеларката ризикуваше многу - и загуби“, се констатира дека канцеларката Меркел во бегалската криза, како никогаш досега ги доживува границите на својата моќ. Според весникот, „на Меркел денеска од мала помош ѝ е ако некогаш во иднина биде истакнувана во учебниците како светол пример во едно мрачно време“:
„Нејзиниот, сам по себе разумен модел за до некаде праведна распределба во големата заедница на ЕУ-држави на бегалци од земји на Блискиот Исток опустошени од омраза, убиства и насилство, пред сѐ Сирија - очигледно пропадна. Не супеа затоа што Меркел не ги процени добро димензиите на проблемот. Поради принципиелност, но и поради преценувањето на сопствената политичка сила и моќ на убедување таа ризикуваше пораз и го доживеа. Таа не успеа поради егоизмот и состојбите во земјите членки, поради повторното разгорување на национализмот, кој може да биде поопасен од еврокризата. Овојпат не се работи за пари, туку за идентитетот на континентот. Попушта дејството на старата, во суштина вистинска магична формула за единството како бедем против кризи и војни.“
Весникот „Фолксштиме“ оценува дека колку и да има несогласувања во ЕУ, Унијата сепак ја нема загубено својата привлечна сила за земјите од Западен Балкан.
„Европа - тоа за поранешните југословенски републики не беше и не е слепа љубов, но е гаранција за мир и надеж за благосостојба“, се оценува во весникот и за случајот на Македонија се додава: „Македонија досега поради спорот со Грција околу името беше посвојче меѓу кандидатите за ЕУ. Бранот мигранти сега би морал ако е неопходно да биде блокиран на македонската граница. Тоа Брисел сигурно ќе знае да го цени во напорите за приклучување.“