1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Времето притиска, потребни се европски решенија

Е.М. Фиданоска / дпа/кна/ард7 септември 2015

Канцеларката Ангела Меркел апелира за европска солидарност по прашањето на бегалците. „Времето за наоѓање заеднички решенија притиска“, рече Меркел во Берлин при претставувањето на предлозите за нова политика за азил.

https://p.dw.com/p/1GS8J
Фотографија: AFP/Getty Images/T. Schwarz

Германската влада мораше да реагира на драматичното зголемување на бројот на бегалци. Вчеравечер големата коалиција во Берлин договори пакет мерки за ново регулирање на политиката за азил. Денеска на прес-конференција канцеларката Ангела Меркел и вицеканцеларот Зигмар Габриел ги претставија плановите и побараа поддршка.

Тие ја пофалија подготвеноста на граѓаните да им помогнат на луѓето во нужда. Меркел на граѓаните и институциите им изрази благодарност за ангажманот со кој се справија со „неверојатниот притисок од бегалци“ за време на викендот. Германија со новодојденците ќе се „занимава во текот на наредните години, се надевам позитивно“, рече Меркел.

Таа додаде дека се радува поради наклонетоста што кон нејзе ја имаат бегалците. Меркел ги нарече „трогателни“ транспарентите со нејзината слика и толпи луѓе кои заедно извикуваат „Германија“. Таа истовремено апелираше реално да се гледа на бегалската криза: „Оние што имаат потреба од заштита, треба да бидат заштитени. Луѓето кои немаат перспектива да останат треба да ја напуштат нашата земја.“

Канцеларката побара Европа да преземе напори за решавање на кризата со бегалците. „Ние сме подготвени да примиме бегалци, но тие можат да најдат заштита во сите европски земји.“ Одделни држави не смеат да се извлекуваат од одговорност. „Времето за наоѓање заеднички решенија притиска“, опомена Меркел. „Бевме брзи кога ги спасувавме банките. Сега мора исто така да бидеме брзи.“

Габриел: „Вака не може да вечно“

Вицеканцеларот Зигмар Габриел укажа на ограничените капацитети на Германија, токму во делот на интеграција на бегалците. „Задачата не е мала. Годинава ќе успееме со 800.000 луѓе, но така не може вечно.“

Сепак, Габриел со „увереност и реализам“ гледа во иднина. Германија се прикажува на начин кој ме прави горд, нагласи Габриел.

PK Merkel Gabriel zum Umgang mit steigenden Flüchtlingszahlen
Меркел и Габриел на прес-конференција зборуваа за договорот на големата коалиција околу бегалцитеФотографија: Reuters/F. Bensch

Што е договорено?

Големата коалиција вчеравечер во Берлин договори пакет мерки тежок 6 милијарди евра со кои Германија би требало да се справи со бегалската криза и огромниот број барања за азил. Сојузниот буџет за оваа цел би требало да се зголеми за три милијарди евра, а други три милијарди евра ќе добијат покраините и општините.

Коалицијата има намера да го прошири кругот на т.н. сигурни земји на потекло. Тука во иднина би требало да влезат и Косово, Албанија и Црна Гора. Како сигурни земји во 2014 година беа класифицирани Србија, Македонија и Босна и Херцеговина. Ваквото категоризирање служи за барателите на азил од овие земји да бидат враќани во татковините по брза постапка. Граѓаните од шесте земји од Балканот во иднина наместо да поставуваат безизгледни барања за азил во Германија, ќе добијат легални начини за работа во земјата. Германската министерка за труд и социјала Андреа Налес на викендот изјави дека во период од 5 години би требало во Германија годишно да доаѓаат по 20.000 работници од Балканот. Тие би морало да имаат согласност од Агенцијата за работа и конкретно работно место, односно место за обука.

За да се намали привлечната сила на материјалните средства што барателите на азил ги добиваат во Германија додека тече постапката на проверка на барањето, во иднина, според намерите на коалцијата, тие драстично ќе бидат намалени, а наместо пари азилантите ќе добиваат повеќе сулуги.

Дефинитивната одлука за вчера договорените мерки би требало да биде донесена на самит на сојузот и покраините на 24 септември, а потоа сето тоа ќе оди на гласање во Бундестагот и Бундесратот на 24 септември.