1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел во Авганистан во непријатен момент

12 март 2012

По четврти пат како германски канцелар Ангела Меркел е во посета на војниците на Бундесверот во Авганистан. Таму населението е во шок по масакрот на еден американски војник врз повеќемина цивили.

https://p.dw.com/p/14JAj
Германската канцеларка во посета на германските војници во АвганистанФотографија: picture-alliance/dpa

Под силни безбедносни мерки, канцеларката Ангела Меркел пристигна во ненајавена посета на Авганистан. Во базата на Бундесверот во Мазар-и-Шариф од војниците се информираше за нивниот ангажаман во земјата. На почетокот на престојот канцеларката им оддаде почит на германските војниците кои загинаа во Авганистан. Бундесверот во земјата е присутен веќе десет години, период во кој таму загинаа повеќе од 50 германски војници. Меркел требаше да ги посети и војниците во Кундус, но временските услови не дозволија канцеларката да полета кон оваа провинција.

Под сенката на масакрот во Кандахар

Посетата на Меркел на Авганистан е во сенка на масакрот кој викендов го изврши американски војник на југот на земјата. Во телефонски разговор утрово со претседателот Хамид Карзаи канцеларката во свое и во име на германскиот народ му изрази на претседателот сочувство за загинатите цивили. Според авганистански владини извори, американски војник ноќта меѓу саботата и неделата во провинцијата Кандахар убил 16 цивили, меѓу нив девет деца и три жени. Војската на САД во меѓувреме соопшти дека војникот е упасен и дека имал психички проблеми. Крвопролевањето ги оптоварува и онака затегнатите односи меѓу Кабул и Вашингтон.

Merkel / Afghanistan / Masar-i-Scharif
Четврта посета на Меркел на АвганистанФотографија: dapd

Претседателот Хамид Карзаи изјави дека ова е „неопростливо злосторство“. Американскиот претседател Барак Обама уште вчера телефонирал со претседателот Карзаи оценувајќи го крвопрлевањето „трагично и шокирачки“. Однесувањето на американскиот војник според него не било типично за припадниците на американската војска и почитта што САД ја имаат за авганистанскиот народ. Исто како и командантот на Меѓународните ИСАФ трупи, генерал Џон Ален, и американскиот претседател вети брза и темелна истрага.

Талибанците ветуваат одмазда

Шефот на НАТО Андерс Фог Расмусен реагираше на крвопролевањето со „шок и жалење“ и на членовите на семејствата им изрази сочувство.

И покрај стравувањата од нов бран протести поради масакрот, Меркел не ја откажа посетата која била планирана пред настаните викендов. Измиантиот месец горењето на примерок на Коранот од страна на војници на САД во источно авганистанската база Баграм предизвика повеќедневни немири во земјата. По инцидентот од викендот сега стигна и првата закана. Талибанците најавуваат одмазада: „секој поединечен маченик ќе биде одмазден кај натрапниците и ужасните убијци“, се заканија радикалните бунтовници денеска преку нивната интернет страница.

Автор: АТ/ СН/ дпа/ афп/ дапд

Редактор: Симе Недевски