1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел бара слога

Бернд Греслер/ Ж.А.31 декември 2015

Во своето новогодишно обраќање, канцеларката Ангела Меркел доаѓањето и интеграцијата на бегалците ги оцени како шанса за иднината. Во нејзиниот говор таа не ја спомена еврокризата.

https://p.dw.com/p/1HWR7
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

И во 2016 година за Германија од исклучителна важност ќе биде одржувањето на единството, рече германската канцеларка во својот новогодишен говор, имајќи ја во вид бегалската криза. „Важно е да не дозволиме да бидеме поделени - генерациски, социјално или на староседелци и новодојдени граѓани“, истакна Меркел. Доселувањето и интеграцијата на толку многу луѓе претставува задача со која треба вистински да се зафатиме, но тоа е утрешната шанса на земјата, зашто „кај нас постои извонредно граѓанско ангажирање и сеопфатен концепт на политички мерки“.

Луѓето не треба да бидат поведени од оние кои „студено или дури со омраза во своте срца сакаат да ја резервираат Германија само за себе, а другите да ги изолираат“, апелираше Меркел, без поименично да го спомене движењето Пегида. Германците треба да бидат самосвесни и слободни, хумани и отворени кон светот. При интеграцијата, треба да се учи од грешките во минатото: „Нашите вредности, нашите традиции, сфаќањето на правото, нашиот јазик, законите и правилата важат за секого кој сака да живее овде“. Но, оваа земја отсекогаш профитирала од успешните доселеници, економски и општествено, подвлече канцеларката. Ова укажува дека Меркел смета оти голем дел од бегалците ќе останат во Германија и нема да се вратат во своите татковини.

Но, во новогодишното обраќање канцеларката истовремено истакна дека се работи на подобрена заштита на европските надворешни граници, на претворање на илегалната во легална миграција и на сузбивање на причините кои доведуваат до бегање на луѓето, со цел трајно и значително да се намали бројот на бегалците.

Меркел не отстапува: „Ќе успееме“

Претежен дел од новогодишното обраќање е посветен на бегалската криза. Меркел се заблагодари за „огромниот и вистински трогателен бран на спонтана помош“ на бројните доброволци и професионални помагачи. Воопшто не се доведува во прашање фактот што доаѓањето на толкав број луѓе од нас ќе изискува уште големи напори во форма на време, сила и пари, подвлече канцеларката.

На крајот таа ја повтори својата мантра: „Ќе успееме, зашто Германија е јака земја“. Меркел им се заблагодари најсрдечно и на војниците од Бундесверот, кои во борбата против Исламска држава „го ставаат на ризик својот живот за нашите вредности, слободата и безбедноста.“

Предизвиците, кои канцеларката ги наведе во минатогодишното новогодишно обраќање, како дигиталната револуција и заштитата на климата, овојпат изостанаа, а не беше спомената ни еврокризата. Но, затоа Меркел, која важи како навивач на германската фудбалска репрезентација, го спомна претстојното Европско фудбалско првенство во Франција, каде „нашите светски прваци сакаат да станат и европски фудбалски прваци“.