Меркел бара Путин да помогне во ослободувањето на набљудувачите од ОБСЕ
1 мај 2014„Ангела Меркел побара да се помогне во ослободувањето на воените набљудувачи од одреден број европски земји, вклучувајќи ја и Германија, кои се уапсени на југоистокот од Украина“, информира Кремљ по телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери.
„Двете страни ја нотираа важноста од користењето ширум Украина до максимален степен на посредничкиот потенцијал на ОБСЕ“, стои во соопштението.
Телефонскиот разговор го потврди и портпаролката на Меркел, Кристијане Вирц. Таа информира дека Меркел му се обратила „на претседателот за да го искористи своето влијание“ за решавање на проблемот. Меркел го потсетила Путин на руската одговорност во овој случај, бидејќи оваа земја е членка на ОБСЕ.
Осум медијатори од ОБСЕ беа заробени од страна на проруски сепаратисти на истокот на Украина. Еден од нив, поради здравствени проблеми, беше ослободен. Меѓу седумтемина кои останаа во заробеништво се наоѓаат тројца германски офицери и еден германски преведувач.
Во денешниот телефонски разговор Путин и’ рекол на Меркел дека главната работа сега е Украина да ги повлече трупите од југоисточна Украина, да го запре тамошното насилство и бргу да започне со национален дијалог за уставна реформа.
Меркел и Путин разговарале и за значењето на украинските избори на 25 мај, кои се суштински за стабилноста на земјата. Германија го смета присвојувањето на Крим од страна на Русија за нелегално.