1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Маѓар Телеком потврди дека отвора истрага во Македонија

Б. Георгиевски17 март 2015

Претставници на унгарската телекомуникациска компанија, која е мнозински сопственик на Македонскиот Телеком, во изјава за Дојче веле ја потврдија веста дека започнуваат истрага

https://p.dw.com/p/1EsAN
Фотографија: AP

Надворешни консултанти ќе ја „чешлаат“ работата на македонскиот Телеком по скандалот со прислушкувањето кој го обелодени лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев. Веста за македонската програма на ДВ попладневно ја потврдија и од унгарската централа на Маѓар Телеком.

„Маѓар Телеком како мнозински акционер е во близок контакт со Македонски Телеком по ова прашање. Маѓар Телеком во моментов планира истрага преку именување на надворешни консултанти“, се наведува во изјавата од одделот за корпоративни комуникации на унгарската компанија за ДВ на македонски.

Изјавата од Маѓар Телеком практично е потврда на најавата од Дојче Телеком- мнозинскиот сопственик на унгарската компанија, дека ќе има истрага. Од Дојче Телеком претходно за ДВ соопштија дека тие не се „директно инволвирани во Македонија, туку преку својата подружница“, но сепак се информирани за проблемот.

Од Маѓар Телеком укажуваат и на претходните соопштенија од Т-Мобиле Македонија во кои компанијата укажа дека работи согласно законите во земјата.
„Ги почитуваме правните норми пропишани со Законот за следење на комуникациите и Законот за електронски комуникации, во кој во членот 175 во детали се наведуваат правата и обврските на телекомуникациските оператори во однос на следењето на комуникациите“, беше наведено во соопштението од Т-Мобиле од почетокот на месецов. Во втората реакција од Т-Мобиле се наведуваше дека неизвршен член на Бордот на директори не може да даде наредба за исклучување на телефонски број од дневната комуникација.

Обете соопштенија беа поврзани со обвинувањата искажани на прес-конференциите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев на кои беа презентирани снимки од наводни разговори во кои директно беше вовлечена и компанијата.

Од Маѓар Телеком и од Т-Мобиле досега не се изјаснија за наводниот разговор на директорот на компанијата Жарко Луковски со министерот за транспорт Миле Јанакиески, во кој Луковски наводно најавува дека ќе ги отпушта од работа вработените кои нема да гласаат за владејачката партија на изборите.