Масовна евакуација во САД
27 август 2011„Не чекајте и не се колебајте“ - апелираше американскиот претседател Барак Обама до 65-те милиони Американци кои живеат меѓу сојузните држави Северна Каролина и Нова Англија, на околу илјада километри долгиот источен брег, којшто ќе биде погоден од ураганот „Ајрин“.
Градоначалникот на Њујорк Мајкл Блумберг нареди евакуација на над 300.000 жители на јужниот крај на Менхетен и на Кони Ајленд. Евакуирани се и пациентите во две болници за коишто се претпоставува дека ќе бидат зафатени од поплави. „Ваква принудна евакуација досега не се случила“, нагласи Блумберг. Граѓаните не треба да се залажат од мирот пред бурата. „Њујоршката градска управа не би наредила евакуација, ако не е убедена во потенцијалната опасност на ’Ајрин’“, изјави Блумберг.
Првпат во историјата денеска запира вкупниот железнички и автобуски сообраќај во Њујорк. И возовите кон Лонг Ајленд и кон северот на Њујорк не сообраќаат. Откажани се илјадници летови во наредните неколку дена. Вонредна состојба е прогласена во седум сојузни држави, а подготвени за инетрвенирање се околу 100.000 членови на Националната гарда. На располагање се ставени и 18 воени хеликоптери за евентуални акции за спасување на североистокот на САД.
Никој не може да предвиди колкава брзина ќе има ураганот. Силата на „Ајрин“ вчера беше малку намалена, но во внатрешноста на ураганот, сепак, и натаму се мери брзина од околу 160 километри на час.
Автор: Ралф Зина / Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Трајче Тосев