1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мандела- икона, бренд, мит

Клаус Штекер/Превод: Б.Геориевски6 декември 2013

Медиумите и политичарите се натпреваруваат кој ќе му изрази поголема почит на Нелсон Мандела, кој пак самиот се противеше на изградбата на култ на личноста. Тоа и го правеше посебен, смета Клаус Штекер.

https://p.dw.com/p/1AUKU
Фотографија: Hartmut Schröter

Нелсон Мандела не беше светец, без разлика што медиумите денес го портретираат како таков. Секој нов наслов му дава дополнителен имиџ на супер-човек, а восхитот делува како идолатрија.

Самиот Мандела беше засрамен од култот на личноста кој се градеше околу него. Не беше пресреќен кога по него се именуваа училишта, улици, институции, ниту кога му се подигаа споменици, тренд кој веројатно сега уште позасилено ќе продолжи.

Тој постојано укажуваше на колективните достигнувања на движењето на отпорот, на личностите кои му претходеа и на современиците како Махатма Ганди, Алберт Лутули или неговиот пријател и соборец Оливер Тумбо, кој целосно неоправдано остана целосно засенет.

Слабости и мани

Кога затвореникот број 46664 беше ослободен по 27 години во затвор, тој стана бренд, светски идол, цел на проектирани надежи и желби кои ниту едно човечко битие не може само да ги реализира.

Кој би се осмелил да загребе под површината на таков човек, да потсети на неговите младешки прекршоци, на неговите непризнаени деца? Кој би ја споменал неговата слабост кон жените, за манекенките, музичките старлети и новинарките со кои флертуваше на политички некоректен начин и покрај тоа што беше респектиран државник? Кој денес би го критикувал за терористичките напади кои ги планирал додека го предводел милитантното крило на АНЦ? И кој би го критикувал начинот на кој често знаеше да експлодира од бес и да ги отфрли сите мислења кои не беа во линија со неговото?

Deutsche Welle Claus Stäcker
Клаус Штекер, уредник на африканскиот сервис на ДВФотографија: DW

Неговите постигнувања на чело на владата од 1994. до 1999. година исто така не се за фалење. Тие години беа одбележани со прагматизам и политичка воздржаност. Потребните одлуки не беа донесени, секојдневните обврски им беа оставани на други. Кога ги бираше своите политички партнери, неговиот избор исто така не беше перфектен. Еден од неговите внуци го носи името на либискиот диктатор Моамер Гадафи. Гледано од денешна перспектива, многу нешта не се вклопуваат во глобално прифатената слика за визионер и гениј.

Повеќе од обичен човек

Но, на Мандела можат да му се простат овие гафови бидејќи, и покрај сѐ, тој постигна повеќе од било кој обичен човек. Мандела се залагаше за помирување, по секоја цена. Неговата лична трансформација беше неговата најголема сила, способноста да се оттргне од идеолошката заслепеност и да успее да ја види големата слика, да увиди дека оние кои не мислат како него не се и непријатели.

Затоа и не е толку важно што Мандела денес е портретиран како некој „полубог“. Фактот што потфрли во многу нешта во политиката е минорен. Неговото најголемо достигнување е што живееше живот кој го карактеризираа хуманизам, толеранција и ненасилство.

Bildergalerie Leben Nelson Mandela
Нелсон МанделаФотографија: Getty Images/Afp/Thomas Coex

Кога Мандела беше ослободен од затвор во 1990., стариот светски поредок се уриваше. Мандела беше на крстопат и се одлучи за вистинскиот пат. Многу лесно можеше да одлучи да си „игра со оган“, да бара одмазда, или едноставно- да не успее. Можеше да се повлече од јавниот живот, или како бројни негови современици- да се посвети на личното богатење.

Светот во 1990. и неговиот статус на икона му дадоа историска шанса. За разлика од други, тој ја искористи можноста. Користејќи ја својата харизма, ја презема врз себе обврската да ја едуцира својата нација и да го предводи својот народ, да го промени светот. Колку мали и патетични денес изгледаат неговите наследници. Нивните битки за превласт сега веројатно ќе се водат уште побеспоштедно. Уште посрамно е однесувањето на неговите роднини, кои се бореа за неговото наследство на неговиот болнички кревет.

Мандела не беше светец, туку човек со доблести и мани, обликуван од своето опкружување. Тешко ќе биде да се најде подобра личност. Само малку повеќе Мандела секој ден ќе биде добро за сите. Не само во Африка, туку и во Берлин, Ерусалим, Москва...