1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Францускиот претседател Макрон е позитивен на коронавирус

БГ /АФП
17 декември 2020

Францускиот претседател денеска објави дека е позитивен на Ковид-19 и ќе оди во еднонеделна изолација. Тоа им отвори проблем на голем број европски лидери кои биле во контакт со него во последните денови.

https://p.dw.com/p/3mr3Z
Frankreich Präsident Emmanuel Macron
Фотографија: Olivier Matthys/AP Photo/picture alliance

Францускиот претседател Емануел Макрон бил тестиран по „појавата на првите симптоми“ и сега, во согласност со националната регулатива, „ќе се самоизолира во следните седум дена“, соопшти неговиот кабинет. Тој ќе продолжи да работи и да ги извршува обврските од дома. Сопругата на Макрон, Брижит нема симптоми на вирусот, но и таа ќе се изолира.
Поради контакт со Макрон во изолација веќе мораше да замине и францускиот премиер Жан Кастекс, иако нема симптоми, како и претседателот на францускиот парламент.
Но листата не завршува тука. Во изминатите седум дена Макрон контактирал или бил во близина на речиси сите лидери на ЕУ. Само во последните неколку дена Макрон имал близок контакт со шпанскиот премиер Педро Санчез и со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел. Двајцата денеска објавија дека одат во карантин.

Слична судбина ги очекува и португалскиот премиер Антонио Кошта кој се сретнал со Макрон вчера, како и генералниот секретар на ОЕЦД, Ангел Гуриа кој разговарал со францускиот претседател во понеделникот.

Доколку строго се почитуваат протоколите за заштита од коронавирус, тогаш во изолација ќе треба да одат и уште 24 претседатели на држави и влади на ЕУ. Имено, во петокот на самитот на ЕУ во Брисел отсуствуваа само хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и естонскиот Јури Ратас.

Сите останати, вклучително и претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, шефицата на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, и германската канцеларка Ангела Меркел беа на повеќечасовниот состанок во Брисел.

Во Франција се уште се на сила рестрикции поради вториот бран на пандемијата. Досега во земјата починаа над 59.000 луѓе од заразата со опасниот вирус. Во средата беа регистрирани 17.000 новозаразени од коронавирус.