1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците во Албанија бараат учебници

Одисе Коте 8 октомври 2007

Македонското и грчкото малцинство во Албанија се обратија до ОБСЕ и Советот на Европа затоа што имаат проблем со учебниците за настава на мајчин јазик.

https://p.dw.com/p/BnpO
ТиранаФотографија: DW

На југоисток на Албанија, на Преспанското езеро, се наоѓа малата општина Пустец. Таа се состои од девет села и таму има македонска заедница. Заедницата има едно училиште во кое учат околу 300 ученици. По почетокот на учебната година, се множат жалбите дека нема доволно учебен материјал на македонски за да може да се одвива наставата. Директорот на училиштето, Михалаќ Апостоловски, кој неговото високо образование го завршил во Скопје, нагласува: ”Имаме големи проблеми за спроведување на наставните програми, зашто и покрај тоа што новата учебна година е почната, сеуште работиме со стари текстови и програми. Новите тектови што ги очекуваме сеуште не се пристигнати зашто треба да бидат преведени на македонски. Главниот проблем е во тоа што ние всушност треба да држиме настава комплет на македонски јазик, а сега почнавме да предаваме на албански, зашто многу од текстовите ги имаме само на албански. Наставниците прават напори самите да ги преведат текстовите за на учениците да можат да им ги предаваат на нивниот мајчин јазик.”

Истата ситуација е и во грчките училишта на југ на земјата. Димитер Чики, заменик директор на педагошкото училиште во Џирокрастро, автор на голем број текстови и еден од претставниците на сојузот на наставници на грчкото малцинство, вели: ”Ако земеме предвид дека наставниците предвааат пет до шест часа дневно и потоа уште и самите ги преведуваат материјалите за настава, тогаш е тоа колосална задача. Наставниците често не можат туку така едноставно да го преведат текстот. За мене ситуацијата е вознемирувачка. Освен тоа, тука е и проблемот што учебниците често се издаваат во многу мал тираж. Ние за едно одделение имаме потреба од 20 учебници.”

Наставниците тврдат дека со години веќе бараат подобро опремување со учебници, но дека на тој план се прави малку. Јани Јани, претставник на организацијата на грчкото малцинство Омониа, вели дека Партијата за човекови права, која е дел од владеачката коалиција, не врши доволно притисок врз владата за исполнување на условите кои ги поставува ЕУ во сферата на образование на малцинствата: ”Недостигот од текстови на мајчин јазик за малцинствата за нас е причина за вознемиреност. Албанската влада не прави доволно за решавање на проблемот. Ние дадовме предлози и се обративме до министерството.”

Сепак, на повидок нема решение. Претставниците на малцинствата сега за нивните проблеми го информираа ОБСЕ и Советот за Европа.