1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ја плаќа сметката за неспособноста на Европа

Е.М. Фиданоска /ди цајт/шпигел онлајн11 февруари 2016

Висока невработеност, политички немир: државите околу Србија не би смеело да се остават сами зашто се заканува распад, пишува „Ди Цајт“. „Шпигел“ пак, тврди дека ЈИЕ станала скривалиште за исламистите од Сирија.

https://p.dw.com/p/1HtgQ
Mazedonien baut zweiten Zaun an der Grenze zu Griechenland
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Неделникот „Ди Цајт“ во текстот со наслов „Одлуката е на Западниот Балкан“, анализирајќи ги последиците од можен распад на Шенгенскиот систем, оценува дека германската економија и владата во Берлин не можат да си дозволат популизам и мора да работат на решение на проблемот со бегалците.

„За разлика од другите источноевропски држави, земјите од Западен Балкан се одвај економски глобално поврзани. Сите држави во регионот се упатени на тоа нивните фирми, пред сѐ во логистиката и производството, на интегрирање од страна на германски и италијански претпријатија. Оној кој тврди дека бараното затворање на границите од страна на Германија, Австрија и други држави не го погаѓа транспортот на стока, ја нема предвид трговијата и реалноста на илјадници луѓе кои патуваат во пограничните региони. Освен тоа, тој што тоа го тврди, ги игнорира реалните искуства со чекањето на камионите на граничните премини. Штетите по германската економија, при верижна реакција на затворање на граници на Западниот Балкан, би биле непредвидливи... Германските претприемачи кои би морале да чекаат со денови за дистрибуирање на својата стока на блиските пазари во регионот и кои би биле соочени со огромна бирократија, во еден момент ќе се откажат. Малата Македонија, која можеше да привлече неколку германски индустриски претпријатија, во меѓувреме мора да го плаќа цехот за неспособноста на европските влади да постигнат согласност околу заедничко менаџирање на надворешните граници. Без вистинска економска перспектива е и вештачката држава Босна и Херцеговина... Невработеноста во целиот регион изнесува меѓу 19 и 31 проценти. На Косово сѐ уште една третина од населенето живее под егзистенцијалниот минимум. Пет проценти од вкупното население пред една година го кажаа своето за економските перспективи на земјата и - тргнаа во насока на север. Оној кој смета дека транзитните земји од Балканската рута ќе мора да го издржат проблемот на стотици илјади луѓе кои бараат заштита, сѐ до моментот додека проблемот не се реши самод себе, тој си игра со оган. Државите од поранешна Југославија поради тоа би можеле да се распаднат.“

Grenze zwischen Serbien und Mazedonien Flüchtlinge
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Savic

„Шпигел онлајн“ се занимава исто така со Балканот, но притоа фокусот е ставен на џихадизмот и опасноста од него. Во текстот со наслов „Аларм поради џихадисти на Балканот“, се оценува дека „Југоисточна Европа станува скривалиште за исламистите од Сирија“.

„Косово е најмногу погодено во ЈИЕ. Од околу 700 џихадисти од регионот кои се бореле или сѐ уште се борат во Сирија, повеќе од половината се најверојатно Косовци. Властите сметаат дека досега се вратиле 120 џихадисти. Со проблемот на џихадизмот се соочени и други земји:во Босна одделни исламисти минатата година извршија два напада, а долж ЈИЕ во последните месеци се уапсени десетици џихадисти... 'Опасноста постои и таа станува сѐ поголема, пред сѐ со враќањето на сѐ повеќе борци од Сирија', вели политичкиот аналитичар Наим Рашити од косовската 'Balkan Policy Research Group“... Европските безбедносни власти одамна предупредуваат на растечкиот проблем со џихадизмот во ЈИЕ, пред сѐ во земјите од Западен Балкан. Европските полициски власти (Европол) на средината од јануари во анализа за новите терористички стратегии на Исламска држава напиша дека џихадисти се обучуваат за терористички акти во Европа, во кампови за обука 'во ЕУ и на Балканот'. На програмата, како што се вели, стојат тренинг за пукање, техники на убивање и отпорност на методи на сослушување. Европол не дава конкретни наводи, но австрискиот весник 'Пресе' напиша дека ваков камп за тренинг има во близина на словенечкиот главен град Љубљана. Западнобалканските држави се интересни за џихадистите не само како место за напади, туку токму како подрачје за криење и регрутација. Авторитетот на државата и на силите на редот е слаб пред сѐ во Албанија, Босна и на Косово, а безбедносните власти често се слабо персонално и технички опремени и дури од неодамна соработуваат повеќе меѓу себе и во европски рамки. Истовремено, за зајакнување на исламизмот и џихадизмот придонесува и хроничната економска и социјална мизерија на земјите на Западен Балкан... Кон сето тоа треба да се додаде и дека во западнобалканските држави по распадот на Југославија и ограбувањето на албанските воени магацини во 1997 година циркулира огромен арсенал нерегистрирано оружје - од пиштоли и рачни гранати, сѐ до мали мини, автоматско оружје и рачни минофрлачи. Според проценки на експерти, во регионот има повеќе од еден милион илегално ситно оружје и до него се стигнува лесно и евтино. Еден Калашников, на пример, на пазарот на црно во регионот наводно чини од 300 до 500 евра.“

Kosovo Festnahmen IS Kämpfer 12.08.2014
Апсење на осомничен борец на ИД на Косово (12.08.2014)Фотографија: Reuters