Македонија сака преку Скопје на Олимпијада
2 ноември 2011„Ние сме меѓу заинтересираните, сега и технички и практично сме во игра за организација на овој настан“, изјави за интернет страницата на федерацијата претседателот на МКФ, Даниел Димевски.
„Следствено на ова, на 10 и 11 ноември, делегација на ФИБА ќе дојде во Македонија на посуштински разговори“, дополнува Димевски.
Посетата на делегацијата на ФИБА во Македонија ќе се фокусира на два аспекта. Првиот е уверување во техничките капацитети на земјата (сали, хотели, аеродроми, транспорт, персонални и логистички организациски капацитети), додека вториот и веројатно клучен аспект се финансиите. Како што е случај со Олимписките Игри, Светските првенства, Европските првенства и слични големи натпреварувања, истото важи и за организација на овој настан – ФИБА конечниот договор го потпишува со владата на државата, а условно кажано најниска по хиерархија институција која може да стои како гарант за договорот е Градоначалникот, односно градот/општината домаќин.
Доколку се надмине првиот аспект, односно доколку ФИБА издаде позитивен извештај за техничките капацитети на земјата и градот кандидат, следува директно инкорпорирање на државата, поточно договарање со одговорни државни лица и владини институции.
„Веројатно и нема подобар начин за промовирање на нашата земја од организација на настан од ваков карактер. Станува збор за едно мини Светско првенство, со 12 учесници од сите континенти. Тоа носи промоција на државата со сите капацитети, културни, туристички и сл. Преносот од натпреварите оди низ речиси 200 држави од целиот свет, а мора да се земе во предвид дека гостувањето на бројните официјални и неофицијални гости во тие десетина дена ќе донесат и сериозен финансиски ’фидбек’ за Македонија.
А да не зборуваме за тоа колку ова ќе значи од спортски аспект. Самото тоа што во минатите 12 години Македонија нема пораз на официјален натпревар во Скопје, навестува дека драматично ќе ги зголемиме шансите за пласман на Олимписките Игри“, вели претседателот на МКФ.
Клучна поддршката од државата
Сумата која е потребна за да се задоволат критериумите поставени од ФИБА е сериозна, но дел од таа сума се и повратни средства, еден вид гаранција. Иако во случајов има повеќе од еден кандидат, и ако сите кандидати ги исполнат техничките услови, наддавање нема да има, туку Централниот Борд на ФИБА со дискреционо право и најверојатно со гласање ќе ја донесе одлуката за земја домаќин. Тука исто така е нашата шанса, заради одличниот рејтинг и релациите што МКФ ги има со ФИБА и членовите на нејзиниот Борд, особено со претседателот Иван Маинини од Франција.
„Официјални разговори со официјални државни лица се уште сме немале“, вели Димевски.
„Тие се запознаени со иницијативата и од нивна страна има подготвеност да влезат во целиот овој проект, но очекуваме деновиве, а веројатно и кога ФИБА делегацијата ќе биде во Македонија, да оствариме куса средба на оваа тема“, вели Димевски.
Квалификацискиот турнир за ОИ 2012 ќе се одржи од 2 до 8 Јули 2012 година, а домаќинот на турнирот ќе биде објавен на 11 декември 2011, кога Централниот Борд на ФИБА ќе се сретне во Мадрид и ќе ги разгледа сите детали од кандидатурите. Покрај Македонија, на турнирот ќе настапат уште: Ангола, Доминиканска Република, Грција, Јордан, Кореја, Литванија, Нов Зеланд, Нигерија, Порто Рико, Русија и Венецуела. Екипите ќе бидат поделени во 4 групи по 3 екипи, двете првопласирани одат во четвртфиналето, потоа
полуфиналето кое ќе ги даде двата патника, а третиот во своевидно финале ќе го играат поразените од полуфиналните дуели. Со тоа се комплетира листата со трите последни екипи кои обезбедуваат учество на Олимписките игри во Лондон.
Автор: БГ/макфакс
Редактор Симе Недевски