1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија на курс кон НАТО и ЕУ

Обработка: Е.М. Фиданоска
25 јануари 2019

Спорот за името со Грција е пред решение, сега на ред е економијата, пишува денеска германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

https://p.dw.com/p/3CAV6
Instagram dw_stories Reportage aus Mazedonien
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf

Во текстот на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, кој се осврнува на амбициите на Македонија за интеграција во НАТО и ЕУ и е посветен пред сѐ на економските потенцијали на земјата, меѓу другото се вели:

„По долгогодишни меѓусебни обвинувања, конечно е на повидок решение на еден од најитните проблеми во ЈИЕ - спорот за името Македонија. Со тоа се отвора патот за приклучување на западнобалканската држава во НАТО и ЕУ... (Северно)македонскиот премиер Зоран Заев може да си претстави дека тоа (приклучувањето во ЕУ, н.з.) би можело да се случи дури и во 2023 година... Економистите се воздржани во врска со скорешен прием во ЕУ. '2025 година е многу оптимистички датум ако се знае колку многу време ѝ беше потребно на Хрватска', вели Гунтер Дојбер, раководител на истражувачкиот оддел на Рајфајзен Банк Интернационал. Македонија страда од сива економија, корупција и голема невработеност. ЕУ на тие работи гледа многу критички и тоа би ѝ го отежнувало опстојувањето на земјата на внатрешниот пазар (на ЕУ, н.з.)“

Меѓутоа, се додава во текстот, Македонија, што се однесува чисто до нивото на благосостојба, е далеку напредната и е „теоретски добро подготвена за приклучување уште во наредната 2020 година“:

„Тогаш ќе има еднаква благосостојба како и Бугарија и Романија при нивниот прием во 2007 година. 'Што се однесува до трговската интеграција со ЕУ и извозните капацитети, Македонија е најнапредниот кандидат за приклучување од Западен Балкан', потенцира Дојбер. 'Оттука, ЕУ-перспективата има смисла и не е само празно ветување.' Освен тоа, и покрај многуте внатрешнополитички проблеми, Македонија, за разлика од Србија и Косово, важи за 'светол пример за етничко смирување'. “

Во текстот со наслов „Македонија на курс кон НАТО и ЕУ“ се наведува и дека македонската економија „не покажува голема нерамнотежа“ и се истакнува дека „ниту државата ниту приватното стопанство не се високо задолжени“. На крајот се потсетува:

„Растечки пораст, како што се вели, е неопходен за земјата да се реиндустријализира. Премиерот Заев вети дека со оглед на договорот со Грција сега работите ќе тргнат нагоре. 'Ја прогласуваме 2019 година за година не економијата', рече тој во Скопје.“