Макабијада - еврејски олимписки игри
22 јули 2013
Мишел Пригошин е примерна спортистка, со 16 години матурирала и сега е студентка на правен факултет. Освен тоа, Мишел е многу талентирана голферка, реди победа за победа. Но, во моментов на ум и' е само една работа- нејзините корени.
Деновиве околу 200 спортисти од Германија пристигнаа за Израел. Таму минатиот четврток (18.07.2013.) на Теди-стадионот во Ерусалим започнува спортската манифестација, трета по големина во светот- Макабијада. 9.000 млади девојки и момчиња од 70 земји ќе учествуваат на 19-тата Макабијада, светските еврејски спортски игри. Секои 4 години спортистите се натпреваруваат во повеќе од 40 дисциплини. Но, за организаторите тоа не е најважно: тие сакаат да ја зацврстат врската на Евреите од дијаспората со Светата земја.
Многумина од овие спортисти за прв пат доаѓаат во Израел. „Мајка ми ми кажа дека можам до одам во Израел само ако се вратам во Германија“, вели Мишел. Сепак мајка и' не ја пуштила да оди сама на пат за Израел. Мишел и нејзиното семејство патуваат на сопствен трошок.
Интеграција во клупските простории
Во Германија има вкупно 37 Макаби здруженија. За многу емигранти со еврејско потекло, Макаби здруженијата во почетокот на 90-тите биле прво одредиште. Така и за родителите на Мишел Пригошин, кои пред 20 години се преселиле од Москва во Германија.
Нивната ќерка сега се' повеќе ги истражува еврејските корени. Чита многу, разговара со баба и', посетува музеи и пишува текстови. Како и таа, 60 проценти од германските спортисти, кои учествуваат во Макабијадата, имаат корени од источна Европа. „Сакам подобро да ја разберам историјата на Евреите. Тоа им го должам на моите предци“, вели младата спортистка.
Незборавни две недели
Во Кфар Макабиаху, главниот организациски комитет на Макабијадата го среќаваме Амир Пелед. Тој е еден од главно одговорните и учествува во организацијата на Макабијадата од 2009 година. И неговиот татко со години учествувал во организацијата, а неговата ќерка поставувала рекорди во пливање. „Еврејската олимпијада е еден вид негување на еврејскиот идентитет“, вели овој претприемач во пензија. „Знам дека младите кои учествуваат, овие две недели нема да ги заборават.“
20 земји за прв пат учествуваат на Макабијадата, меѓу нив се и Црна Гора, Словенија и Куба. Голем дел од парите за ова случување кое чини 50 милиони американски долари, се вложува на културни и образовни програми. Спортистите во автобуси патуваат низ земјата,посетуваат споменици и свети места.
На мотори во потрага на таленти
Во главниот организациски комитет на Макабијадата се наоѓа и еврејски музеј на спортот, , единствен во светот. „Макабијадата е синоним за еврејската револуција“, вели Стела Сиркин, која редовно ги води посетителите низ музејот. Создавањето на движењето е тесно поврзано со порастот на антисемитизмот во 19. век. Докторот Макс Нордау ги повикал Евреите на јакнење на издржливоста и самопочитувањето низ спорт. Во Тел Авив во 1932. за прв пат е одржана Макабијада: учествувале 400 спортисти. Датумот на одржување не е случаен: точно 1800 години по востанието на Јуда Макабеецот, борецот за слобода, против грчкиот окупатор. „Луѓето од Палестина доаѓале со бродови во Европа, каде на мотори патувале од место до место. На тој начин ги повикувале луѓето на Макабијада- долго пред интернетот“, вели Сиркин.
Длабока поврзаност со Израел
На втората Макабијада во 1935 година учествувале 134 спортисти од Германија, против волјата на нацистите. Десетици спортисти останале во Палестина и така го преживеале Холокаустот. По војната клубовите полека повторно се формирале. Во 1969. повторно учествувале и спортисти од Германија на Макабијадата. Денес во 56 земји има околу 400 илјади активни спортисти во 400 еврејски заедници. „Отворањето со над 30.000 гледачи ќе биде фантастично“, сигурна е Мишел Пригошин. Можеби Мишел ќе се врати како победничка од Макабијадата и можеби тогаш ќе има повеќе прашања, отколку одговори. „Ќе учествувам на многу обиколки и се' ќе впивам“. Дали грижата на нејзината мајка е оправдана? Имено, 5 проценти од спортистите по учеството решаваат да останат засекогаш во Израел.