Мадуро: Екс-шефот на тајната служба беше агент на ЦИА
11 мај 2019Николас Мадуро, претседателот на Венецуела, го обвини разрешениот шеф на разузнавачката служба Мануел Рикардо Кристофер Фигуера дека бил еден од оние кои ги влечел конците во неуспешниот обид за пуч од минатата недела. Собрани се докази дека Фигуера пред повеќе од една година бил врбуван од тајната служба на САД, ЦИА и работел како „предавник“, изјави Мадуро во телевизиско обраќање, но не наведе конкретни докази, најавувајќи скора тужба против Фигуера.
САД спаѓаат во најострите критичари на Мадуро и сакаат да изнудат соборување на социјалистичкиот шеф на државата. Самопрогласениот претседател на Венецуела Хуан Гуаидо на 30 април се обиде да ја привлече војската на своја страна и да го истисне Мадуро од функцијата. Очигледно на тој ден Фигуера расчистил со Мадуро, објави во јавноста писмо со критики кон власта и го ослободи од куќен притвор лидерот на опозицијата, Леополдо Лопез. Но, преземањето на власта беше неуспешно, зашто само мал број од војниците ја поддржуваат опозицијата. По овие настани Фигуера беше разрешен од должноста на која се наоѓаше од октомври минатата година.
Повеќе:
Бесмислено одмерување на силите врз грбот на народот во Венецуела
Венецуела: Гуаидо стави сѐ на една карта
Гуаидо за ДВ: Армијата веќе не го поддржува Мадуро
Во вторникот американската влада ги укина санкциите против поранешниот шеф на разузнавачката служба на Венецуела. Американскиот заменик претседател Мајк Пенс најави слични мерки за сите владини функционери од Венецуела кои ќе му завртат грб на Мадуро. Тајната служба на Венецуела презема сё подрастични мерки против владините критичари. Неодамна го уапси заменикот претседател на парламентот, Едгар Замбранто. САД тврдат дека тајната служба на Венецуела врши систематски мачења на противниците на власта. „Мадуро ја користи тајната служба за уривање на демократијата и замолчување на членовите на Националното собрание“, напиша на Твитер американскиот советник за безбедност Џон Болтон. Министерството за финансии на САД воведе проширени санкции во секторот на безбедност на Венецуела, зголемувајќи го притисокот врз Мадуро. Казнени мерки важат веќе против сите фирми кои соработуваат со Венецуела во областа на нафтената и банкарската индустрија.
По неуспешниот државен преврат во Венцуела започнаа постапки против повеќемина пратеници поради бунт и национално предавство. Некои од пратениците побараа заштита во странските амбасади во Каракас, а некои заминаа во егзил.