1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лоши изгледи за турската економија

Сенада Соколу/З. Јордановски6 февруари 2015

Изгледа дека му дојде крајот на економскиот бум во Турција. Стапки на пораст од преку 9 проценти се минато. Политички и структурни проблеми ги спречуваат амбициозните цели на претседателот Ердоган.

https://p.dw.com/p/1EWMi
Фотографија: Fotolia/Vladimir Wrangel

Во изминатата деценија турската економија работеше под полна пареа. Под раководство на тогашниот премиер, а сегашен претседател Реџеп Таип Ердоган Турција се претвори во регионална сила. Стопанството во 2004 и 2005 година постигна пораст од 9,4 односно 8,5 проценти и беше меѓу економиите што растат најбрзо во светот.

Мотор на порастот првенствено беше градежништвото. Меѓу големите проекти спаѓаатнајголемиот аеродром во светот, третиот мост преку Босфор, проширената мрежа на подземната железница и вториот босфорски канал. Економијата „пукаше“ од сила, а земјата се движеше во насока на амбициозната цел на Ердоган: до 2023 година Турција на економски план да биде меѓу десетте водечки земји во светот.

Но, успешните години минаа. Се чини дека градежниот бум не придонесе за одржлив развој на турското стопанство. Долговите кон странство растат, а странските инвеститори ги повлекуват своите пари. Прогнозата на владата беше дека порастот во 2014 година ќе изнесува околу 4 проценти, но во првото полугодие беше само 3,3 проценти. Ни прогнозите за тековнава 2015 година не се розови.

Песимистички изгледи за 2015

„Мојата прогноза за годинава е пораст од три проценти. Значи, не посебно оптимистичка“, вели Сејфетин Гурсел, Директор на економскиот факултет на универзитетот Бахчешехир во Истанбул, во разговор за Дојче веле. Има различни причини за тоа: „Тука се, прво, безредијата на Блискиот Исток. Турција се граничи со земји во кои владее војна. Состојбата, сметам, нема да се подобри ни годинава“.

Оттука Турција тешко ќе може да го зголеми извозот. Но, за да се поттикне стопанството безусловно мора повеќе да се извезува, вели Гурсел. Професорот и ЕУ ја смета за важен пазар за турскиот извоз. Но, и тука тој гледа со песимизам: „Не верувам дека европската економија годинава ќе постигне позабележливо динамизирање“.

Türkei Bau der dritten Bosporusbrücke
Изградба на нов мост на БосфоротФотографија: MIRA/AFP/Getty Images

Освен тоа, корупцијата има негативно влијание врз странските инвеститори, нагласува економскиот експерт. Гурсел тука укажува на неодамшнешиот корупциски скандал во турската влада. „Освен тоа, во Турција не се респектира владеењето на правото, токму како ни други демократски вредности, на пример, медиумската слобода“, вели тој. Тоа е причина за задршки во ЕУ и кај другите западни држави: „Мнозина веруваат дека во Турција е создаден авторитарен режим. Сите тие фактори кај странските инвеститори не создааат чувство на доверба“, смета Гурсел.

Да се инвестира или не?

Американската инвестмент-банка Голдман Сакс сепак ја смета Турција за една од „најдобрите“ земји во забрзан подем во светот, покрај Индија и Тајван, во кои би требало да се инвестира. Шанса за Турција да го подобри својот билансен дефицит е и паднатата цена на нафтата. „Сигурно поради тоа во извесна мера ќе се намали моменталниот дефицит, како и инфлацијата. Но, евтината нафта не ги решава структурните проблеми на Турција и нема како со волшебно стапче да донесе повисоки стапки на пораст“, нагласува Гурсел. Турција, според него, безусловно има потреба од директни странски инвестиции во индустријата и во финансискиот сектор, но тие инвестиции опаѓаат.

Поминаа „златните години“

Мустафа Сонмез, економист и стопански новинар, застапува мислење дека Турција не може да се споредува со земји како Индија и Тајван. „Ситуацијата во Турција е поинаква. Нејзиниот дефицит во билансот на севкупните стопански постигнувања е многу повисок отколку на тие две земји“, вели Сонмез во разговор за Дојче веле. „Освен тоа, турската економија има сосем други слаби точки. Во тоа спаѓаат политичките и геополитичките ризици. Тие мора да се земат предвид“. Турското стопанство е внатрешно ориентирано, првенствено градежниот сектор, вели Сонмез. Затоа билансниот дефицит сѐ уште изнесува меѓу пет и шест проценти од домашниот бруто производ. „Опасност претставува и инфлацијата, токму како и невработеноста“, укажува овој експерт. Една третина од речиси 24 милиони Турци помлади од 24 години се невработени. „За странските инвеститори тоа се фактори кои треба да бидат земени предвид“.

Сонмез верува дека сите тие се индикатори за тоа дека поминаа златните години за турското стопанство: „За годинава прогнозирам пораст од околу три проценти или помалку“.