Лицата на Balkan Booster 2021
Млади од југоисточна Европа и оваа година се во потрага по нераскажани приказни. Запознајте ги!
Нусрах Хаџиќ, Босна и Херцеговина
Нусрах Хаџиќ има 23 години и сака фотографија и сликање. Пријателите ја викаат Нус. Нејзиното мото е: „Сѐ додека постои волја, постои и решение.“ За својата земја, Босна и Херцеговина, вели дека е земја полна со нераскажани приказни кои нудат решенија и се радува што ќе трага по такви приказни во рамките на проектот Balkan Booster.
Енис Мехмети, Албанија
Енис Мехмети е роден во Драч и е албанско-црногорски „микс“. Овој 29-годишник е мешавина од различни таленти и интереси: завршил биологија, гради фотографска и новинарска кариера, продуцира електро-денс музика и згора на сето тоа - работи во Гете-институтот во Тирана. Би бил среќен, вели, кога луѓето во Албанија би го организирале животот без автомобили и така би ја чувале природата.
Јована Дамјановиќ, Црна Гора
Јована Дамјановиќ живее во Подгорица и таму студирала новинарство. Пријателите, вели, понекогаш ја викаат коала, затоа што е голема спанка, но очигледно не ги преспала студиите со оглед на тоа што била најдобар студент во својата генерација. Мотото на оваа 24-годишна девојка гласи: трепетот на крилјата на пеперугата на една страна на светот може да предизвика торнадо на другата страна.
Албина Кастрати, Косово
Албина Кастрати е 20-годишна студентка по новинарство на универзитетот во Приштина. Се надева дека учеството во Balkan Booster ќе ѝ донесе нови познанства и дека ќе научи повеќе за соседните земји и култури. На Албина ѝ пречи што луѓето во нејзината земја се повеќе фокусирани на проблемите отколку на решенијата. Таа е уверена дека секој, дури и најмалиот чекор напред, претставува напредок.
Ангела Рајчевска, Северна Македонија
Ангела Рајчевска е 26-годишна девојка од Скопје со завршени студии по комуникологија и медиуми. Новинарската кариера ја започнала во Центарот за истражувачко новинарство SCOOP, а сега работи за агенцијата МИА. Кога не е во потрага по новинарски теми, суди на фудбалски натпревари! Радо е во природа, планинари, патува и чита поезија. Нејзиното гесло гласи: Кога бараш решение, почни од себе.
Андреј Скокиќ, Србија
Андреј Скокиќ има 23 години, студент е по новинарство во Нови Сад и би сакал во иднина да снима документарни емисии. Посебно го привлекуваат теми од сферата на науката и технологијата, но секогаш наоѓа време за одбојка и истражување нови музички жанрови. Се радува што како учесник во Balkan Booster ќе се фрли во потрага по добри решенија за проблемите кои нѐ опкружуваат.
Ерлета Терпеза, Косово
Ерлета Терпеза е 24-годишна новинарка која работи за косовскиот јавен сервис РТК. Новинарство завршила во Приштина, а потекнува од Липљан, место кое се наоѓа 15 километри југоисточно од Приштина. Слободното време во вечерните часови сака да го минува во мали барови, но ни откри дека никогаш досега не била во диско! Се надева дека во нејзиниот Липљан еден ден ќе биде отворен голем диско-клуб.
Бјанка Станковиќ, Северна Македонија
26-годишната Бјанка Станковиќ е пет години во новинарството. Љубовта кон пишувањето и фотографијата ја довела до студии по новинарство. Сака да фотографира мачки, архитектура и сцени од улица. Сега работи на мултимедијални приказни за платформата Види Вака и се обидува да им даде глас на оние чијшто глас обично не се слуша. Кога ќе се умори од стварноста, се внурнува во светот на кратките приказни
Денис Тахири, Албанија
Денис Тахири сака да патува, да среќава нови луѓе и да соработува со новинари од други земји, па Balkan Booster е како скроен за него. Овој 27-годишник од Тирана веќе има собрано доста искуство во новинарството, работејќи како истражувачки новинар во Центарот за квалитетно новинарство и повеќе телевизиски куќи. Смета дека медиумите треба и да бараат решенија, а не само да укажуваат на проблемите.
Сања Косовиќ, Србија
Сања Косовиќ е родена во Суботица, но живее во Нови Сад, каде што дипломирала новинарство. И, како и секој свежо дипломиран новинар во Србија, работи што ќе стигне, обично по неколку работи одеднаш. Сака да раскажува приказни во подвижни слики. Ако седне со вас да испие кафе, како што вели, големи се шансите дека ќе го истури.
Александра Најдовска, Северна Македонија
Александра Најдовска е 22-годишна уметница која студира графика и реставрација на Академијата за ликовни уметности во Скопје. Родена е и израснала во Австралија, но ја избрала земјата на своите родители, Северна Македонија, како и Балканот, како место на кое ќе се образува, живее, работи и од каде што ќе црпи инспирација.
Мајлинда Бајрами, Албанија
Мајлинда Бајрами е 22-годишна девојка од Тирана, со веќе богато искуство на полето на мултимедиумската работа. За своите видео-прилози и кратки филмови веќе има добиено неколку награди. Притоа, видео-новинарството е она што го прави во слободното време. За леб заработува како радиолошка техничарка. Повеќе позитивни приказни - тоа е она што им треба на младите во нејзината земја, вели таа.
Алем Бајрамовиќ, Босна и Херцеговина
Алем Бајрамовиќ има 23 години и живее во Горажде. Себеси се претставува вака: „Дипломиран политиколог и студент по безбедност и мировни студии. Активист, фотограф и „wannabe“ новинар. Желен за добри луѓе, добри приказни и мир.“ Верува дека во неговата земја постојат безброј идеи и можни решенија кои само мора да скршат разноразни отпори. И, подготвен е да се фати во костец со нив.
Аргнеса Хаџијај, Косово
Аргнеса Хаџијај е 22-годишна новинарка од Косово, која, како што вели, повеќе сака да пишува отколку да зборува. Ако имате нешто да ѝ кажете, вели, подобро би било тоа да го напишете! Но, тоа не е целата вистина, затоа што Аргнеса ни раскажа многу убави приказни и се дружеше со нас и во текот на минатогодишното „пандемиско“ издание на Balkan Booster. Оваа година за Балкан Бустер е „on the road“.
Тамара Тица, БиХ/Србија
Тамара Тица е 24-годишна студентка по политички науки од Требиње, со актуелна адреса во Белград. Работи како новинар за финансии и се надева дека преку Balkan Booster ќе научи многу за видео-новинарството. Во слободното време сака да гледа филмови и за нив пишува во повеќе портали. Му се радува на BB како шанса да ги прикаже младите како активни чинители во општеството и иницијатори на промени.
Милица Радовановиќ, Црна Гора
Милица Радовановиќ од Црна Гора има 23 години, иако сите ѝ велат дека изгледа како да има 18. Одела во музичко училиште, во хорови, курсеви по танцување, часови по глума и на кошаркарски тренинзи, но на крајот се пронашла во новинарството и фотографијата. Ужива, како што вели, да гледа филмови и има препорака за вас: задолжително погледнете го „Good Will Hunting“, ако тоа веќе не сте го сториле!