Лигата на шампионите станува здодевна!?
3 април 2018Фудбалската опсерваторија ЦИЕС ги анализирала резултатите во 29 европски натпреварувања- 27 домашни лиги плус Лигата на шамионите и Лига Европа- и дојде до заклучок дека бројот на „многу нерамноправни“ дуели се зголемил за 20 во однос на минатата сезона.
„Анализата го открива генералниот тренд кон конкурентска нерамнотежа во европскиот фудбал“, заклучуваат оттаму.
Претседателот на УЕФА, Александер Цеферин призна дека неконкурентноста е најголемиот проблем со кој се соочува европскиот фудбал.
Водечката Лига на шампиони со години е под доминација на неколку елитни клубови, додека многу домашни лиги се претворени во натпреварувања во кои однапред се знае победникот, како германската Бундеслига, на пример, каде Бајерн Минхен веќе шест години по ред е неприкосновен.
Студијата на ЦИЕС открива дека Лигата на Шампионите има најголем број мечеви кои завршуваат со разлика од три гола или повеќе, односно 29,5 проценти, во споредба со 21 отсто минатата сезона.
Од петте водечки фудбалски лиги во Европа, разликата е најголема во англиската Премиер лига со 21,9 проценти, а најнизок во Бундеслигата со 11,1 отсто. Најизбалансирана лига, барем во поглед на резултатите меѓу конкурентите, е руската прва лига каде само 10,5 отсто од мечевите завршуваат со разлика од три гола или повеќе во корист на еден тим.