1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

До 5.000 евра за лекување во приватните клиники

ДТЗ
13 април 2021

Приватните болници во иднина ќе  можат да наплаќаат од 40 илјади до максимум 305 илјади денари за лекување на ковид пациентите, доколку биде усвоен законскиот предлог, за кој владата даде зелено светло

https://p.dw.com/p/3rx8s
Nordmazedonien | Coronavirus | Pandemie
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Владата денеска даде зелено светло за цените во приватните болници за лекување на ковид-пациенти да се изедначуваат со референтните цени утврдени од Фондот за здравствено осигурување. Приватните болници во иднина ќе  можат да наплаќаат од 40 илјади до максимум 305 илјади денари за лекување на ковид пациентите, доколку биде усвоен предлогот за измени на Законот за здравствена заштита, со кој се очекува да се  реши проблемот на кој се алармира од почетокот на пандемијата.

-повеќе на темата: Се крчкаат законски измени - државата ќе ги менаџира цените на приватните клиники

Државата освен што има овластување да склучи договор со приватните болници преку ФЗО, може да постави и лимит за максимален износ на едно приватно лекување од Ковид- 19. „Регулирањето на цените е неопходно за да не се доведеме во ситуација приватните здравствени установи да останат недостапни за огромно мнозинство на граѓани во нашата земја. Ги повикувам сите пратеници во Собранието да дадат поддршка на оваа регулација на цените за здравствени услуги на ковид пацинети во приватните болници. Во време на пандемија од клучна важност е пратениците да го изгласаат ова законско решение со кое цените за третман на пациенти во приватните болници ќе бидат финансиски издржливи за сите граѓани“, порача преку социјалните мрежи министерот за здравство, Венко Филипче.

Минатата недела приватната болница „Жан Митрев“ соопшти дека одлучила да ги намали цените за лекување ковид-пациенти за 10 отсто, додека од „Систина“ биле на став дека таквиот потег им е економски неисплатлив.

-повеќе на темата: Ќе ги намалат ли цените за лекување приватните клиники?

Досега пациентите плаќаа 12 000 евра, по што од Жан Митрев најавија дека за пациенти што ќе се лекуваат со полуинтензивна нега, лекување во траење до 10 дена ќе чини 6 000 евра. За пациентите на кои им е потребно интензивно лекување, односно се преземени во сериозна здравствена состојба од други институции каде што биле претходно хоспитализирани, цената за максимум 10-дневно лекување ќе изнесува 8 000 евра.

Според последните податоци од Министерството за здравство, на Инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјава лежат 1.768 болни и има околу 300 празни болнички кревети во ковид-центрите.

Состојбата низ болниците секојдневно се менаџира според потребите, исполнетоста и отворањето на нови места за хоспитализација, вели Филипче. Тој денеска оцени дека ситуацијата е сериозна и во овој момент има благо зголемување на притисокот врз ковид центрите, откако во текот на вчерашниот ден имало поголем број на нови хоспитализации. „Мерките даваат резултат, но  потребно е максимално придржување до истите за да го надминеме и овој епидемиолошки бран“, апелира министерот.