Лев е на врвот - како понатаму?
22 јули 2014Најголем успех во неговата кариера - Јоахим Лев конечно ја постигна целта да ја освои шампионската мундијалска титула со германската фудбалска репрезентација. Тој му даде белег на германскиот фудбал во последната деценија - и значително го промени. Јоахим Лев стана поим за модерен и атрактивен фудбал.
Од 2004-та, тогаш како асистент на Јирген Клисман, тој работеше за промена на фудбалската култура. Прв забележителен успех беше третото место на Мундијалот во 2006-та. Потоа како сојузен тренер Лев сам го продолжи проектот. Само оној кој се вклопува во неговата замисла како да се игра фудбал, имаше шанса да стане репрезентативец.
„Мора да биде личност. Ни требаат играчи со квалитети на водач. А, ни требаат и млади, динамични играчи“, вели тренерот на германската фудбалска репрезентација Јоахим Лев.
Како Лам и Швајнштајгер во почетокот, а потоа Кедира и Езил. Под водство на Лев тие и другите правеа кариера и и’ даваа белег на репрезентацијата. Фудбалот „made in Germany“ и тренерот наидуваа на симпатии во светот.
Сепак, навивачите во Германија на Лев секогаш гледаа малку скептично, можеби и затоа што тимот навистина добро играше и често победуваше, но немаше освоено ниту една титула. Пресвртен момент беше полуфиналето на Европското првенство против Италија во 2012 година, загубено и поради сериозни грешки на тренерот. Но, Лев тоа го коригира со освојувањето на Светското првенство.
„Ова останува за вечност, оти сме први Европејци кои ја освоија титулата во Јужна Америка, на Маракана, во Рио, во земјата на фудбалот. Јасно, тоа беа десет години тешка работа. Но, ние во овие десет години континуирано напредувавме. Станувавме се’ подобри, секогаш верувавме во себе и тоа сега едноставно мораше да дојде“, вели Лев.
И сега, како понатаму? Ќе се повлече ли Лев на врвот на својата кариера? Или ќе го исполни договорот, кој важи до Европското првенство во 2016 година? Се’ е можно. Лев тврди дека ни самиот уште не знае како ќе одат работите натаму. Во моментов важен е само актуелниот миг.