1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лафонтен: раководството на СПД тврдоглаво останува на линијата што народот ја отфрла – но народот не може да биде сменет

10 август 2004

Германските социјалдемократи се изложени на се‘ поголем притисок, како од десетиците илјади незадоволни луѓе, кои излегоа вчера на улиците да демонстрираат против кратењата во социјалната сфера, исто така и од внатре, од сопствените редови. Деновиве масло на огнот долеа поранешниот претседател на партијата и екс-министер за финансии Оскар Лафонтен.

https://p.dw.com/p/Ad7K
Оскар Лафонтен
Оскар ЛафонтенФотографија: AP

Лафонтен директно го обвини канцеларот Герхард Шредер дека со погрешна политика придонесол за кризата на незадоволство во земјата и, повикувајќи се на политичка чест, го повика канцеларот да поднесе оставка. Тој се закани дека ќе застане на страната на ново групирање на левицата, ако СПД не ја промени својата социјална политика.

По таквиот остер настап на човекот кој беше на чело на партијата, кој беше министер за финансии со големи овластувања, но самиот крена раце и ги напушти функциите, разбирливо дека уследија бурни реагирања. “Ние имаме внатрепартиска демократија и јасни граници до каде може да се оди: кој се залага за противничка организација и ја поддржува, мора да знае дека тоа не може да го прави во рамките на СПД. Засега за нас нема повод суетната самобендисаност на господин Лафонтен да ја санкционираме на тој начин” – рече генералниот секретар на партијата Клаус Уве Бенетер.

Претставникот на парламентарната левица во фракцијата на социјалдемократите Михаел Милер смета дека фактичкиот проблем е што Лафонтен не си ја пронајде својата улога по оставката: “Лично сум прилично разочаран по ова прашање со оглед и на поранешната блиска соработка со Оскар Лафонтен... Веќе не можам да го разберам, зашто се чини очигледно дека тој до денес не е во состојба да излезе на крај со својата тогашна оставка. Се добива впечаток дека тој секогаш води вчерашни битки, наместо заеднички да ги совладуваме задачите за креирањето на иднината”.

Претставници на различни групации во рамките на партијата во меѓувреме побараа Лафонтен да излезе од СПД, ако веќе не стои зад нејзината политика. “Самиот да ја напушти партијата веројатно би бил почесниот и поотворен пат, на кој тој лично постојано укажува” - вели Клаас Хибнер, претставник на десното крило на социјалдемократите.

Партискиот врв засега воздржано реагира на барањата за исклучување на Лафонтен. “За нас дури е и поедноставно да постапуваме кога е тој во партијата. На партиските конгреси овој Оскар Лафонтен веќе нема никаква шанса. Тој е еден од минатиот век” – рече претседателот на СПД Франц Минтеферинг.

На неговите префрлувања за несолидарно однесување, Оскар Лафонтен синоќа одговори: “Несолидарно – зборот што се слушна – е раководството од Берлин, кое без нешто да менува гледа како се загубени илјадници општински и покраински мандати, а и сега постои опасност повторно да бидат загубени, и едноставно тврдоглаво останува на линијата што народот ја отфрла – но народот не може да биде сменет”.