1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лавров: „Планирана провокација“

З. Јордановски /дпа/ртр/афп25 ноември 2015

Рускиот министер за надворешни работи зборува и за „заседа“ од страна на Турција. Русија презема возвратни мерки, но е подготвена на соработка со Западот, не исклучувајќи ја ни Турција, во акциите во Сирија.

https://p.dw.com/p/1HCSN
Фотографија: Reuters/M. Shemetov

Соборувањето на авионот-бомбардер од страна на турското воено воздухопловство Русија го оценува како „планирана провокација“. Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров денеска во Москва изјави: „Ние имаме сериозно сомневање дека тоа не било намерно“. Лавров додаде дека Русија има доволно информации во врска со тоа: „Тоа сосем очигледно беше заседа: тие чекаа, набљудуваа и бараа изговор“.

Во моментот кога се случи инцидентот, во акција беа два руски бомбардера, кои според турскиот амбасадор во ОН Халит Чевик, навлегле околу два километра и се задржале 17 секунди во турскиот воздушен простор. Тоа го потврди и американски воен претставник, но рече дека не било јасно дали турските воени авиони пукале врз соборениот руски бомбардер додека тој бил над турска територија или дури откако руските авиони веќе биле над Сирија.

Руски одговор на инцидентот

Атомската сила Русија нема поради ова да води војна со Турција, која е членка на НАТО, но како што изјави рускиот министер по телефонскиот разговор со турскиот колега по функција Мевлут Чавушоглу, инцидентот нема да остане без реакција. Таа веднаш и уследи: Русија денеска најави стационирање на модерен систем за противвоздушна одбрана во својата поморска база во сириското пристаниште Латакија, со кој од голема оддалеченост можат да бидат соборувани противнички авиони. „Се надевам дека тоа, заедно и со другите мерки, ќе биде доволно за заштита на нашите авиони“, рече претседателот Владимир Путин. Тој го повика и руското население да не патува во Турција. Премиерот Дмитриј Медведев и’ се закани на Турција со откажување на заедничките проекти, како и со влошување на позицијата на турските фирми на рускиот пазар.

Türkei Syrien Kampfjet Russland Abschuss Grenzgebiet
Соборувањето на авионот, според Русија, е „планирана провокација“Фотографија: picture-alliance/dpa/Haberturk Tv Channel

Руски услови за нормализација на односите

Москва сериозно ќе ги преиспита односите со Турција, навести Лавров. За нормализација на тешко нарушените односи меѓу двете земји, тој побара владата во Анкара да признае дека инцидентот бил апсолутно недозволив. Во приближно едночасовниот телефонскиот разговор, како што рече тој, Чавушоглу навистина му искажал сочувство, но не можел да му ја објасни постапката на Турција. Лавров го поздрави и предлогот на францускиот претседател Франсоа Оланд за затворање на турско-сириската граница.

Турското министерство за надворешни работи соопшти дека двајцата министри договориле средба „во наредните денови“, но агенцијата Интерфакс јави, повикувајќи се на руските власти, дека Лавров засега не се согласува. Посетата на Лавров на Истанбул, планирана за денеска, беше откажана вчера, веднаш по веста за соборувањето на рускиот воен авион во пограничниот регион меѓу Сирија и Турција.

Турскиот премиер Ахмет Давутоглу нагласи дека Турција нема интерес од заострување на конфликтот со Русија. „Русија е наш пријател, наш сосед“, рече Давутоглу. И турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се труди да ги смири бранувањата, изјавувајќи дека Турција не сака ескалација, но сепак додаде и дека едноставно ја бранела својата територија, како и „правата на нашите браќа во Сирија“.

Putin bei Erdogan 01.12.2014
Ќе се променат ли руско-турските односи?Фотографија: picture-alliance/AA/V. Furuncu

Русија и натаму е за соработка со Западот во Сирија, САД се скептични

Русија најави дека ќе продолжи со нападите во Сирија во близина на турската граница, но искажа и подготвеност тоа да биде усогласено со САД, Франција и другите во некоја заедничка оперативна централа. Во тоа, според руските гледања, би можела да учествува и Турција.

Од американски владини кругови беше речено дека не само соборувањето на рускиот борбен авион, туку и големиот број цивилни жртви од руските бомбардирања ја прави неверојатна координацијата на американските и руските напади од воздух во Сирија. Згора на тоа, усогласувањето со Русија би ја оптоварило американската соработка и односи со умерените сириски бунтовници. Американската војска им префрлува на Русите за „валкана војничка работа“ и дека руското бомбардирање било безобѕирно, неодговорно и непрецизно.

Германскиот канцелар Ангела Меркел предупреди дека соборувањето на авионот само натамошно ја заострува и онака веќе напнатата состојба во регионот. „Сега мораме да сториме се’, за да се избегне ескалација“, рече Меркел и ја замоли Турција да направи се’ во таа насока.