Културното богатство на германските Евреи расеано низ светот
9 ноември 2011Дојдоа од источна и средна Европа, од Галиција и Буковина, од Австро-Унгарија, од Иберискиот полуостров, но и од германскиот Рајх. Од земји кои денес се викаат Украина, Романија, Русија, Полска или Германија, се отселија на сите страни на светот, говореа германски или јидиш. Тоа беа деловни луѓе, лекари, занаетчии, книжари, адвокати. И не заминуваа секогаш по своја волја.
Бегаа од антисемитизмот, дискиминацијата и погромот, од економската беда, од бесперспективноста, во надеж за безбеден живот со перспектива. Нивните цели беа Северна и Јужна Америка, Кина, Палестина итн. Во новите татковини основаа земјоделски задруги и весници, градеа населби и синагоги, болници , училишта, банки стануваа актери, музичари, научници. Но, и во новите татковини одново доживуваа антисемитизам.
Сите овие луѓе со себе носеа само куфер со најнужните лични работи, вели Елке Котовски:
„Тие од Германија ја понесоа и својата традиција, занаетчиските знаења, носиите, рецептите. Тоа било зачувано во семејствата, пренесувано од генерација на генерација. Наследниците честопати не се свесни од каде доаѓаат.“
Елке Котовски би сакала да ги истражи тие траги, што е останато од донесената култура, како таа се поврзала со културата во новите татковини. „Култура и идентитет“ е насловот на големиот проект кој го води оваа историчарка во центарот „Мозес Менделсон“ во Потсдам, кој се занимава со германско-еврејската култура во целиот свет.
Има уште многу нешта да се откријат. „На таваните, во подрумите во кутиите и регалите, честопати се наоѓа вистинско богатство. Оставнина, фотографии, писма, дневници на иселениците - тоа е богатство кое мора да биде истражено, кое ни‘ дава информации за еврејските мигранти пред и по нивното иселување. Би било штета тие работи да завршат како смет“, вели оваа историчарка.
Слушнете ја рубриката „Култура“.