Крим се определи за Русија
16 март 2014Веднаш по затворање на избирачките места регионалните власти соопштија дека одзивот на референдумот изнесува 83 проценти. Во седиштето на руската Црноморска флота, Севастопол, пак, одзивот е уште повисок и изнесува 85%. Граѓаните во Севастопол и Симферопол вечерва слават на улиците. „Среќен сум. Искрено, имам 60 години и не мислев дека ќе доживеам олку среќен ден“, вели Александер Сорокин од Севастопол.
Прорускиот премиер на Крим, Сергеј Аксјонов, на Твитер напиша: „Денеска донесовме многу важна одлука која ќе влезе во историјата.“ Тој најави дека ќе ги преземе сите правни чекори кои се неопходни за брзо припојување на полуостровот кон Русија. „Овој понеделник Врховниот Совјет на Крим ќе се обрати до претседателот Владимир Путин со молба за прием на Крим во Руската Федерација“, изјави Аксјонов.
Штајнмајер: Потребен е јасен одговор
Украина и Западот не ги признаваат резултатите од референдумот. ЕУ и САД го осудија референдумот како еклатантно крешење на меѓународното право. Министрите за надворешни работи на ЕУ утре (17.03) треба да воведат санкции против Русија. Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер во изјава за утрешен „Билд“ вели: „На референдумот во Крим, кој е спротивен на меѓународното право, треба да се даде јасен одговор.“ Според него, ситуацијата е „многу опасна“ и сега „треба да се преземат сите напори за да се спречи натамошна ескалација“. Затоа, „наредниот вистинско чекор“, вели Штајнмајер, е испраќање набљудувачка мисија на ОБСЕ.
САД: Руската политика е опасна
САД ја повикуваат меѓународната заедница на конкретни чекори против Русија. Времињата во кои светот посматра додека една земја насилно присвојува територии на друга земја, се минато, соопшти Белата куќа. Вашингтон оценува дека „руските акции се опасни и дестабилизирачки“.
„Овој референдум е спротивен на украинскиот устав“, рече по гласањето на Крим портпаролот на Белата куќа, Џеј Карни.
Франција, која референдумот на Крим го оцени како илегален, побара од Русија веднаш да преземе мерки за намалување на „опасните“ тензии во Украина.