1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крим наскоро треба да стане дел од Русија

ЖА/дв/дпа/ртре/афп9 март 2014

Желбата на политичкото раководство на Крим е полуостровот што поскоро да се припои на Русија. За успех на референдумот се ветува подобра иднина во состав на Русија.

https://p.dw.com/p/1BMON
Фотографија: Getty Images

Една недела пред спорниот референдум, политичкото раководство на Крим најави скоро приклучување кон Русија. Претседателот на прорускиот регионален Парламент на Крим, Володимир Константинов, изјави дека автономната република ќе стане дел од Руската федерација до крајот на овој месец. Тој призна дека процесот на транзиција е сложен, но изрази надеж дека на легален начин се’ ќе заврши до крајот на месецов.

Константинов вети дека наставниците, лекарите, војниците, полицајците и другите владини службеници ќе добиваат четирипати поголеми плати доколку Крим стане дел од Русија.

Во четвртокот кримското раководство одлучи на 16 март да се одржи референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат дали Крим да се присоедини кон Русија. И покрај тоа што новите украински власти и меѓународната заедница го оценија референдумот за статусот на Крим како „незаконски“, раководството на Крим опстојува на намерата.

Bildergalerie Ukraine 7. März 2014 Kosaken vor Parlament in Simferopol
Козаци пред Парламентот во СимферополФотографија: Getty Images

Каква е ситуацијата на Крим? Агенциите и ТВ-извештаите оттаму јавуваат за про и контра демонстрации, но има малку веродостојни информации. Западните известувачи јавуваат дека својата работа можат да ја вршат само со ограничувања. Забранети се јавни вклучувања од хотелите каде тие се сместени. Соработниците на ОБСЕ безуспешно се обидуваат да добијат дозвола за влез на Крим. Вчера ситуацијата беше драстично заострена. Проруски униформирани лица со предупредувачки истрели ја спречина делегацијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) да влезе на територија на Крим, како што се дознава од дипломатски кругови од Виена. Портпарол на ОБСЕ изјави дека во инцидентот во близина на контролниот пункт Армјанск немало повредени.

Проруските единици веќе една недела го контролираат полуостровот на кој мнозинството жители се Руси. Москва меѓутоа одрекува дека има свои војници надвор од договорените области. Вооружените лица, според Кремљ, се „сили на самоодбрана“, кои не се наоѓаат под команда на Кремљ.

Изненадувачки, Русија вчера првпат покажа подготвеност за контакт на високо ниво со Украина. Во Москва рускиот заменик министер за надворешни работи Григориј Карасин се сретна со украинскиот амбасадор Владимир Јелченко, кој меѓутоа е амбасадор назначен уште од времето на поранешното проруско раководство во Киев.