Крвав напад врз армиски пункт во Авганистан
23 февруари 2014Талибанците во источниот дел на Авганистан утрината (23.02.) нападнале армиски пункт и во повеќечасовните вооружени борби меѓу бунтовниците и војската загинале 19, а двајца војници се повредени, соопшти полицијата во округот Газиабад, во провинцијата Кунар. Талибанците при нападот киднапирале седум војници, од кои четворица меѓутоа успеале да им побегнат.
Талибанците кои ја презедоа одговорноста за нападот на границата кон Пакистан, соопштија дека еден нивен борец загинал, а двајца се повредени. Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи поради нападот ја откажа за денеска планираната посета на Шри Ланка.
Во друго соопштение талибанските бунотвници инаку наведоа дека ги прекинуваат преговорите за можната размена на затвореници со американската армија поради „комплексната“ ситуација во Авганистан.
„Поради политичката сложеност на актуелната ситуација во земјата, лидерите на Исламскиот емират одлучи привремено да ги прекине преговорите. Од тие причини процесот на размена на затвореници се пролонгира, изјави портпаролот на талибанците Забухулах Муџахид.
Американски претставници неодамна преземаа чекори за обновување на преговорите со талибанците за размена на петмина затвореници во Гвантанамо во замена за американскиот војник Бау Бергдал (27), кој исчезна во Авганистан 2009. година. Се претпоставува дека Бергдал се наоѓа во североисточниот дел на Пакистан.