Крвава „свадба“ во северен Авганистан
14 јули 2012Во напад на бомбаш-самоубиец во северниот дел на Авганистан, загинаа најмалку 22 луѓе, а 40 се повредени, соопшти полицијата.
Во нападот загина и влијателиот политичар Ахмад Кан Самангани, регионален воен командант и национален пратеник, кој организираше свадба за неговата ќерка.
Нападот се случи утрово во Ајбаку, главниот град на провинцијата Саманган, кога напаѓачот го активирал експлозивот на влезот од салата каде била свадбата.
Талибанците веднаш демантираат поврзаност со убиството, оценувајќи дека можеби станува збор за пресметка изведена од лични мотиви.
Самангани, член на Парламентот беше Узбек, а неговото убиство претставува удар за напорите за обединување на бројните етнички фракции во Авганистан. Тој се сметаше за близок сојузник на актуелниот претседател на Авганистан Хамид Карзаи, а се стекна со слава за време на советската окупација на земјата во текот на 80-те години на минатиот век.