Крај на стриктната забрана на абортус во Ирска
26 мај 2018На референдумот во Ирска големо мнозинство од избирачите се изјасниле за либерализација на законот на абортус. Според прогнозите направени по налог на весникот „Ајриш Тајмс“, за либерализација гласале 68% од избирачите, додека против биле 32%. Инаку, со официјалното броење на гласовите се почнува денеска.
Владата на премиерот Лео Варадкар ги повика граѓанките со право на глас да се изјаснат околу исфрлањето на дополнителниот осми амандман во Уставот и со тоа да го отворат патот за полиберален закон за прекин на бременоста. „Од мене едно големо ДА“, напиша премиерот на Твитер по гласањето. Од воведувањето на осмиот амандман во странство биле извршени околу 170.000 абортуси, рече Варадкар во четвртокот за радиото Њусток. Референдумот, според него, е „шанса“ за цела една генерација.
Повеќе: Законот за абортус на референдум: За што се гласа во Ирска?
Во католичка Ирска во сила е еден од најстрогите закони за прекин на бременост во ЕУ. Кој ќе го прекрши законот, соочен е со казна затвро до 14 години. Абортус во Ирска е забранет дури и по силување. Комисијата за човекови права на ОН во 2016 година ја критикуваше забраната за абортус како прекршување на меѓународните договори за човекови права и од ирската влада побара нејзина преработка.
Со референдумот сега на парламентот би требало да му се овозможи легализација на абортусот до 12-та недела од бременоста. Во истражувањата на јавното мислење застапниците на либерализацијата на законите беа во тесно водство. Како што јавуваат медиумите, десетици илјади Ирци кои живеат во странство се вратиле во татковината специјално за да гласаат на референдумот.