1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај за мировниот процес во Турција?

Седа Сердар/превод:Б.Г.29 јули 2015

Последните изјави на турскиот претседател Ердоган отворија бурна дебата. Сѐ упатува на неуспех на мировниот процес со курдското малцинство. Но дали е навистина крај, коментира Седа Сердар

https://p.dw.com/p/1G6na
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Depo

Пред нападот во Суруч, владејачката турска Партија на правдата и развојот (АКП) започна постизборни коалициски преговори со сите политички партии. Но, Суруч промени сѐ. Одеднаш сите очи беа вперени кон одлуката на Турција да започне напади против „Исламската држава“, но во истовреме и против терористичката ПКК, која возврати со напади на територијата на Турција.
Прокурдската Народна Демократска партија (ХДП) со право е критикувана поради тоа што не ги осуди последните напади на ПКК, кои потсетија на конфликтот во земјата во текот на 1990-те. Никој не сака враќање во тоа време. Затоа, решението на долготрајниот конфликт е неопходно. Не е тајна дека мировниот процес беше забавен дури и пред изјавата на Ердоган.
Неговата изјава за одговорноста на некои членови на парламентот кои поддржуваат терористички организации доби брз одговор. Потпретседателот на ХДП, Селахатин Демирташ најави дека сите 80 пратеници ќе се откажат од својот пратенички имунитет. Ова ја ескалира дискусијата и ја става земјата на патот на натамошни поделби.

Seda Serdar Kommentarbild App
Седа Сердар

Прашање на стабилноста

Од една страна, АКП се обидува да профитира од ситуацијата и да си ги поврати гласовите кои ги загуби поради успехот на ХДП на изборите. Но и импулсивната реакција на Демирташ всушност не придонесува за стабилизирање на состојбата. Иако турското политичко секојдневие изобилува со меѓусебни обвинувања, во позадината тивко течат преговорите за нова влада. Републиканската народна партија и АКП ја одржаа и втората серија средби, и доколку постигнат договор, можно е наскоро да биде објавена и коалицијата. Во спротивно, АКП и онака има план за предвремени избори.
Партијата на Ердоган не беше задоволна од резултатите на изборите во јуни, и губењето на статусот на единствена владејачка партија. Сега Турција панично бара решение за мировниот процес. Сите партии треба да се смират и да се фокусираат на следниот чекор, а тоа е широка коалиција. Откако ќе се формира новата коалиција, мировниот процес треба да биде еден од клучните елементи за дискусија. Но, не само оние кои го поддржуваат тероризмот, туку и оние кои се вмешани во корупција и нелегални активности треба да одговораат.