1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

201011 Porträt Gaddafi

21 октомври 2011

Повеќе од 40 години Моамер ел-Гадафи владееше со Либија. Кој беше тој човек, на кого Западот прво му се додворуваше, а по избивањето на побуната многу бргу го отфрли?

https://p.dw.com/p/12w4J
Моамер ел-ГадафиФотографија: dapd

Неговиот народ, сите го сакаат - Моамер ел-Гадафи уште беше сигурен во тоа на почетокот на март годинава. Тие ќе го дадат и животот, само него да го заштитат. Тогаш тој веќе дозволи брутално да бидат задушени демонстрациите за реформи во Либија. Протестите прераснаа во огорчена граѓанска војна. Се смета дека се убиени најмалку 30 илјади луѓе. Гадафи повеќепати се обрати до јавноста, прочуен е неговиот говор во кој на „стаорците“, како што секогаш ги навредуваше бунтовниците, им се закани дека ќе ги гони од сокак до сокак, од куќа до куќа. Инвентивните критичари на Гадафи од тој говор компонираа хит на револуцијата. Таков потсмев некогашниот водач на револуцијата сигурно не очекуваше.

Моамер ел-Гадафи е роден во 1942 година, како син на бедуини, во близината на градот Сирт. Во 1969 година го славеа како спасител полковникот, кој со дел од војската го собори тогашниот либиски крал Идриз. Кратко време потоа, Гадафи ги спроведе своите претстави за директна демократија, во кои народни комитети решаваа за судбината на луѓето и државата. Основите на неговиот социјализам тој ги изложи во таканаречената „зелена книга“. Воден од омразата против секаква форма на колонијализам, тој се залагаше за самостојност на африканските држави и не се воздржуваше ни од вакви изјави, како во говорот во Гвинеја во 2007 година:

„Ја знаете Пепси-кола? Се разбира дека ја знаете. Ја знаете Кока-кола? Кога ќе прашаме за нив, вие секогаш велите: тоа се американски или европски пијалоци. Но, тоа не е точно, оти составните елементи доаѓаат од Африка. Тие евтино ги купија, ги преработија и потоа нам скапо ни‘ ги продаваат. Ние самите мора да произведуваме и продаваме кола“.

Flash-Galerie Libyen UN-Generaldebatte in New York Muammar al Gaddafi
Неговите претстави за директна демократија и независност завршија во диктатураФотографија: picture-alliance/dpa

Се збогати од нафта, се погрижи за повисок стандард на граѓаните

Неговите претстави за директна демократија и независност завршија во диктатура, во која на противниците брутално им беше затворана устата. Гадафи се збогати од бизнисот со нафта, но се погрижи сепак животниот стандард во Либија да биде меѓу највисоките во Африка. Неговата мајка во едно интервју раскажуваше дека не можела да сфати зошто син и‘ опстојувал на тоа, таа да добие сопствена куќа, наместо бедуински шатор, дури откако секое друго либиско семејство ќе има покрив над глава.

Во 2002 година Моамер ел-Гадафи ги даде решавачките импулси и пари за основање Африканска унија. Вложувајќи милијарди во инфраструктура и туризам во збратимените африкански земји, градејќи патишта и мостови, тој се здоби со симпатии кај многумина Африканци. Тоа е една од причините зошто за време на граѓанската војна толку се шпекулираше дали некоја африканска земја ќе му даде азил.

Flash-Galerie Libyen Muammar al Gaddafi und westliche Regierungschefs Kombo
Во Триполи се редеа многу државнициФотографија: picture-alliance/dpa

Гадафи и теророт

На меѓународен план, сенки врз неговата биографија паднаа со патронатството врз теророт. Групи како германската Фракција на Црвената армија или ирската ИРА тренираа во Либија, тој ги поддржуваше бунтовниците во Чад и Гана. Се смета дека преку Либија стигнуваше советско оружје во Палестина. Му се припишува дека издал налози за многубројни терористички напади: атентатот врз американските војници во дискотеката „Ла бел“ во Берлин, нападот врз американски патнички авион, кој се урна врз шкотското место Локерби ... списокот е долг. Тој секогаш отфрлаше дека е вмешан во тоа.

Промената во неговиот став дојде во 2003 година. Гадафи се откажа од оружје за масовно уништување, а ОН ги укинаа санкциите против Либија. Западни државници, како Тони Блер и Герхард Шредер, се редеа како гости во Триполи, поради либиската нафта.

Автор: Ханс-Михаел Ел / Зоран Јордановски

Редактор: Ж.Ацеска