1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не плашете се, Турците не доаѓаат!

Барбара Везел / превод: ЕМФ2 јули 2016

Не, Турција не стои на прагот на ЕУ. Договорот за бегалците со Турција останува „фрагилен“. Несигурна е и визната либерализација, а уште повеќе преговорите за приклучување во ЕУ, оценува Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/1J826
Фотографија: picture alliance/chromorange/Bilderbox

Приврзаниците на брегзит не се стеснуваат од ништо. Во обид на Британците да им влеат страв од Европа, се тврдеше и дека 70 милиони Турци такаречи се на прагот на Обединетото Кралство. Прво, Британците можеби ја преценуваат привлечната сила на нивниот остров, а второ - Турција не е ниту на хоризонтот за членство во ЕУ.

Дел од Европејците констатираат со жалење, други со притаена злоба: Турција се оддалечува од нас. Таа прогонува новинари и опозиционери, пратеници и писатели. Листата на антидемократски акции станува сѐ подолга. А, претседателот Ердоган сѐ повеќе се барикадира во своето автократско владеење. Оној кој му се спротивставува е - непријател. Тоа во меѓувреме важи за целата ЕУ, за Европскиот Парламент, за пратениците во Бундестагот... Всушност за сите. Човекот е опкружен од замислени непријатели, што неверојатно поттикнува параноја.

Ердоган во ЕУ доаѓа многу ретко. Во моментов ЕУ сака барем на хартија да го спаси својот договор за бегалците. Ако тоа некако успее во текот на летото, тогаш во октомври, на наредниот рок за визната либерализација, може со жалење да констатира дека Анкара не ги исполнила ветувањата. „Навистина ни е жал“, ќе рече Брисел. Наесен завршува бегалската сезона. Ако ЕУ и натаму ја држи затворена границата кон Македонија, ќе може да го контролира доселувањето, и покрај сите турски закани. Во игра има многу трикови.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Памтењето на луѓето на денешницата е кратко. Само за потсетување, британскиот премиер Тони Блер беше тој што во 2005 година со сета сила притискаше за почеток на преговори со Турција за приклучување. Франција воопшто не сакаше, Германија беше скептична, а особено против беше Христијанско-демократската унија на Меркел. Тогаш отфрлањето се засноваше повеќе врз чувства, додека денес е аргументирано. Турција станува сѐ поневеродостојна, потенцијално сѐ поопасна, сѐ понедемократска. Развојот на ситуацијата е за жалење, но ние тоа не можеме да го запреме.

Сите разговори, преговори и обиди за разубавување на вистината, се само дипломатски гестови. Планот е всушност јасен: уште неколку месеци и договорот за бегалците, визната либералзиација и преговорите за приклучување ќе завршат едно по друго во ѕид. Преговорите повторно ќе бидат „под мраз“, каде што и припаѓаат. Некогаш, кога сите ние ќе бидеме стари и побелени, а Ердоган ќе биде во старечки дом за пензионирани султани, ќе можеме да почнеме сосема од почеток.