1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ја облекува Ангела Меркел?

13 септември 2009

Класична елеганција – така би се опишал стилот на канцеларката Ангела Меркел. Но кој се грижи за нејзиниот изглед и според кои „правила“ се облекува канцеларката, која според многумина е вистински симбол за моќна жена?

https://p.dw.com/p/Jcte
Класична елеганција - стилот на германската канцеларкаФотографија: AP

Било да станува збор за средба со францускиот претседател Саркози или настап на германска телевизија, Ангела Меркел мора да биде пригодно облечена:

„Обично наутро или понекогаш дури и во ноќта, кога ќе се разбудам, размислувам што ме чека тој ден и морам да обрнам внимание на тоа што сум го носела последните неколку дена. Џемпери или јакни со силна боја не може да се носат два дена едно по друго, за што понекогаш ми е жал, но што да облечам одлучувам според желбата и расположението, но и според тоа каков ми е дневниот распоред“, вели канцеларката.

Merkel in Bayreuth Flash-Galerie
Во секоја пригода мора да внимава на имиџотФотографија: AP

Ангела Меркел веќе три години оди облечена во фустани од тафт, креација на Бетина Шонбах на познатиот фестивал на Вагнер во Бајројт. Да се облече канцеларката е посебен предизвик.

„Многу е важно да се ориентирате на местото на случувањето. Нијансите мора да си одговараат и да бидат хармонични. За Бајројт никако не одговараат големи шари, ниту текстил со премногу сјај. Се мора да биде во тон. Во секој случај, за такви работи се договараме.“

Стилот на Џеки Оназис како инспирација

Бетина Шонбах (49) родена е во Хамбург и таму и денес живее со своето семејство. Занаетот го изучувала во фабриката за текстил на своите родители. Работела за Армани и Унгаро, а веќе 11 години има своја марка.

Хамбург е познат по својот благороднички стил на облекување, стил кој Бетина го следи и негува. Грејс Кели и Џеки Кенеди, подоцна Оназис – тоа се нејзините примери:

Bettina Schoenbach Mode für Angela Merkel
Бетина Шонбах - креаторката одговорна за моќниот изглед на канцеларкатаФотографија: dpa - Report

„Јас го обожавам стилот на Џеки Оназис. Мислам дека нејзиниот софистициран модерен „look“ стана класика, која секогаш се враќа. Тоа е стил кој сакав да го вградам во својата колекција: класичен, елегантен, но и модерен. Модерниот стил сега го одликуваат прави форми, јасни тонови, не премногу шари, не премногу детали. Копчињата се потполно популарни украси.“

Оваа пролет, Бетина Шонбах отвори бутик во Хамбург и сака да го прошири бизнисот. И во други бутици жените ќе може да одберат нешто од нејзината колекција што би можело да им помогне да остварат моќен настап.

Автор: Бирте Штрунц / Ана Алибегова

Редактор: Симе Недевски