1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој сака реприза на „вевчанскиот случај“?

31 јули 2020

Проблемот со водоснабдување на селото Синичане ги крена политичките тензии. Надлежните институции ќе испитуваат дали некој ја мати водата.

https://p.dw.com/p/3gCqz
Wasser Umwelt Trinkwasser Tropfen
Фотографија: Fotolia/Jaroslav Machacek

Проблем со вода, две села, протест, полиција... Иако овие термини беа синоним за познатиот „вевчански случај“ од август 1987 година, сега истите елементи се закануваат да ја кренат политичката температура на друга локација. Во прашање не се Вевчани и Октиси, туку шарпланинските села Синичане и Урвич, а битката се води за вода од изворот во месноста Буновец.

Жителите на Синичане имаат потреба да изградат станица за снабдување со вода од изворот Буновец, по што општината Боговиње се обидела да почне со градежни работи, но без проект и соодветна документација. Од друга страна, жителите на селото Урвич сакаат изворот да го користат само за нивното село со образложение дека тој е во нивниот атар, и посочуваат дека општината има само одлука на Советот, но не и соодветни дозволи од надлежните институции.

Кој ја алармирал полицијата?

Конфликтот околу водата меѓу двете села експресно доби политички димензии, откако полицијата обезбедила присуство на теренот по информациите дека таму состојбата може да ескалира. Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, (кадар на ДУИ) вчера го обвини градоначалникот на Боговиње, Аљбон Џемаили (кадар на Алијанса за Албанците), дека манипулира и со локалното население, и со полицијата. Според изјава на Нухиу за ТВ „21“, токму Џемаили во полиција се жалел дека може да ескалира безбедносната состојба на локацијата поради спор за водоводот, а на терен правел нешто сосема друго.

„На некој начин тој ја принуди полицијата да преземе активности во насока на креирање оперативни планови. Кога го имаме барањето на градоначалникот, неговата изјава дека може да биде загрозена безбедноста, животот на граѓаните, кога се става под знак прашалник нарушувањето на поредокот и безбедноста, а од друга страна кога ги имаме писмените пријави од околните мештани, тогаш полицијата е принудена да прибере и други оперативни податоци. Од тие податоци ние дојдовме до заклучок да се изготви план и полицијата да биде испратена таму за да го зачува јавниот ред и мир. Нас нѐ интересира не биде загрозен животот на ниту еден граѓанин“, изјави Нухиу.

Mazedonien Zijadin Sela Präident der DPA Neue Partei
Зијадин Села обвини дека зад интервенцијата на полицијата се кријат бизнис интреси на ДУИФотографија: DW/P. Stojanovski

Оваа изјава на министерот за внатрешни работи следи откако лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села обвини дека зад интервенцијата на полицијата се кријат бизнис интреси на ДУИ. Тој ја повика полицијата да се повлече од Синичане, а на жителите да им се овозможи да се снабдуваат со вода.

„Со тоа што полицијата е се’ уште присутна кај граѓаните кои протестираат за проблемот со водата за пиење во Синичане, покажавме дека сме полициска држава со наредбите на Нухиу кој е од ДУИ. Ова го прават бизнис лицата од ДУИ кои сакаат наместо вода за пиење на граѓаните да изградат хидроцентрали“, изјави Села.

Увид во постапката на обвинителката

Тензијата се крена уште завчера, по изјавата на обвинителката Лејла Кадриу од Основното јавно обвинителство Тетово. Таа излегла на терен за да ја утврди фактичката состојба, по пријава од тетовската полиција против градоначалникот на Боговиње за кривичното дело самоовластување. Обвинителката од терен побара полицијата да се повлече, а на местото каде што протестираа жителите на Синичане, беше снимена како телефонски разговара со премиерот Оливер Спасовски.

Oliver Spasovski
Спасовски ги отфрли тврдењата на Кадриу дека ја навредувал за време на разговоротФотографија: Petr Stojanovski

„Јас постапувам според законот. Јас не сум политичар. Вие го браните криминалот. Не може така да се однесувате со мене. Вие ме навредувате! Јас сум таа која и на Катица Јанева сум ѝ кажала дека го поддржувала криминалот“, се слушаше реакцијата на обвинителката.

Спасовски вчера ги отфрли тврдењата на Кадриу дека ја навредувал за време на разговорот.

„Таа ми се јави вечерта околу 9 часот, разговаравме и јас ѝ реков дека не треба да ми се јави мене, туку до главниот обвинител и да постапува според законот. Толку“, изјави вчера Спасовски.

Поради ваквите случувања, за постапувањето на обвинителката од Тетово увид ќе направи Вишото јавно обвинителство - Гостивар.

„Поради различните информации во медиумите и на социјалните мрежи за учеството на јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово, Лејла Кадриу, на место на кое се изведувале работи на водовод во тетовско и повеќе нејаснотии во нејзиното постапување, Јавниот обвинител денеска писмено побара од Вишото јавно обвинителство Гостивар да изврши увид во предметот (...) Вишите јавни обвинители треба да проверат и дали, согласно законот и согласно Задолжителното упатство, за конкретните дејствија требало увид на лице место и особено дали е изготвен записник за увид, дали обвинителот го презел раководењето со постапката согласно член 41 од Законот за кривична постапка и дали за тоа ја известил полицијата, дали некои од дејствијата се преземени спротивно на функцијата јавен обвинител, како и други релевантни околности во конкретниот настан“, се вели во соопштението на ЈО.

Владата вчера преку соопштение порача дека прашањето во селото Синичане треба да се реши само во согласност со законот и со целосно почитување на надлежностите и хиерархијата на институциите.

„Полицијата е на терен само за да обезбеди јавен ред и безбедност. Секој жител на нашата земја има право да има квалитетна вода за пиење, но таа постапка мора да биде во согласност со законот“, соопшти Владата.