Afghanistan Destabilisierung
21 август 2009Во бурната историја на Авганистан, најчесто странските моќни држави биле оние што не ја оставаа земјата на Хиндукуш на мир. Прво, тоа беа Британците, потоа Русите и на крајот Американците - во сојуз со Пакистан и Саудиска Арабија. Стануваше збор за коридорот на Британците до Индија, за пристапот на Советите до Индискиот Океан и на крај одбрана од Советите и нивно протерување, што го сакаше тројниот сојуз Вашингтон - Исламабад - Ријад.
Никогаш никој не се зафатил со зацврстување на авганистанскиот државен сиатем, туку сите го користеа системот што веќе со векови функционира во Авганистан. А можеби и не функционира. „Под секое дрво - крал“, вели една авганистанска поговорка. Кралот, а и претседателите во Кабул, одвај да имаа малку повеќе моќ од градоначалникот на главниот град. Нивната моќ се признаваше во поединечните области, само откако ќе направеа „дил“ со тамошните владетели, што на овие им гарантираше широко одврзани раце.
Што беше демократија и правна држава?
Токму ова го прави и актуелниот претседател, Хамид Карзаи. Некогашниот „спасител на Авганистан“, што ја уживаше поддршката на САД и Европа, одамна го напушти патот на демократијата и правната држава. Наместо тоа, се здружи со регионалните „воени лордови“, кои треба да му обезбедат моќ и влијание во провинциите, а кои како противуслуга бараат да можат да го спречат секој обид за вистинско стабилизирање на земјата. Корупцијата е секојдневие, но многу повеќе - одгледувањето на опиум во последниве години достигна рекордно ниво и Авганистан стана неславен светски шампион во извоз на дрога.
Не дека обичните селани заработуваат многу повеќе од одгледувањето на опиумот, ама во секој случај, барем нешто повеќе отколку од останатите алтернативи, како на пример житариците. „Воените лордови“, од друга страна, одамна прераснаа во нарко-босови со огромни приходи. Со нив го финансираат вооружувањето и затоа не дозволуваат да бидат така лесно притиснати до ѕид.
Притоа, нарко-босовите се флексибилни и подготвени да склучат сојуз со секого. Најважно е само никој да не им ја чепка позицијата што ја имаат. Соработуваат и со талибанците, кои иако религиозно-идеолошки се против опиумот, одамна ја користат економската придобивка од оваа единствена исплатлива бранша на авганистанското земјоделство.
Нов извор на приходи за обичните граѓани
Странските држави - од соседите, па се‘ до Европа и САД - денес навистина се заинтересирани за смирување и стабилизирање на состојбата во Авганистан. Спротивното им е од интерес најмногу на регионалните владетели и нарко-босовите, кои не сакаат да се откажат од својата моќ и бенефиции. За да се намали нивната моќ, потребно е да се изврши притисок врз централната влада и претседателот, талибанците мора да бидат победени, а на обичните граѓани мора да им се најде нов извор на приходи. Ништо од ова досега не се случило. Како и да е, педесет нарко-дилери стојат на црната листа на САД, под обвинение дека соработуваат со талибанците. А оние кои соработуваат со централната влада - нив ги нема на никаква листа, иако претставуваат исто толкава пречка за нормализирањето на состојбата во Авганистан.
Автор: Петер Филип / Трајче Тосев
Редактор: Жана Ацеска