1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој протестира - малограѓаните или потпалувачите?

Фолкер Вагенер Превод: Ж. Ацеска6 јануари 2015

Дали „Пегида“ е само оправдан отпор против исламистите? Или уште одамна е отпор против самиот ислам? И, каква улога игра притоа партијата Алтернатива за Германија? Барем една опасна улога, смета Фолкер Вагенер.

https://p.dw.com/p/1EFUT
Фотографија: O. Andersen/AFP/Getty Images

„Кој се плаши од црниот човек“? -ова некогаш беше омилена детска игра, во времето кога уште не постоеја смартфони и вестите се консумираа навечер на телевизија или наутро од весник. Заплашувачката игра од аналогната ера не е вистински мртва. Неа во меѓувреме ја играат возрасни: од недела во недела, постојано во понеделник, кога „Пегида“ (Патриотски Европејци против исламизирање на Западот) повикува на демонстрации во различни германски градови.

Илјадници загрижени западни граѓани своето стравување од исламот го манифестираат јавно преку ритуални протестни поворки. Илјадници пак организираат противдемонстрации, поткрепени вербално од водечките политичари од речиси сите политички партии. Противдемонстрантите го осудуваат непријателството против странците во Пегида-протестите. Многумина имаат помалку право, малкумина - преглед. Станува збор за прашањето-дали сите Пегида-демонстранти го заслужуваат гневот на противдемонстрантите и критиката на политиката. Недостасува вистинска класификација, вреднување на новиот феномен. А тоа е опасно, зашто политички, темата може да излезе од колосек!

Кога кафанското друштво излегува на улични протести

Движењето Пегида е опасно уште со транспортирање дифузно разбирање на исламот. На почетокот се работеше за отпор против исламистите-убијци, за фанатичарите во име на Алах, кои обезглавуваат луѓе пред вклучени камери. Во меѓувреме, во најголем дел од понеделничките демонстрации, под обвинение е исламот генерално.

И, уште одамна, станува збор за барателите на азил, за бегалците-односно сите кои го загрозуваат Западот.Така е кога кафанско друштво излегува на улица со исклучително поедноставени предлози за „спас на Германија“. Пегида е форум за лесни решенија, што е доволно лошо по себе. Но, кога во упростувањето на светот, згора на тоа, учествува и една партија, Алтернатива за Германија, која во меѓувреме е застапена во три покраински парламенти, тогаш опасноста е непосредна.

Алтернатива за Германија-парламентарен мегафон на Пегида

Меѓу близу 30 проценти Германци, кои агендата на Пегида ја гледаат како оправдана, има посебно многу симпатизери на Алтернатива за Германија. Веќе поодамнешната контроверза - дали Алтернатива за Германија произлегува од срцето на општеството или е партија непријателска кон странците, добива свој одговор: широки делови на новата партија се потпалувачи на оган преоблечени во руво на чесни граѓани. Тоа што АфД, која стана популарна како еврокритичка партија, сега стартува со тонови на непријателство кон странците токму во источна Германија, е опасно, но не и случајно.

Додека Пегида само умерено го придвижува западот на Германија, источниот дел се покажува приемлив за општо контра-расположение против сите не-Германци. Кога во Дрезден се скандира „Ние сме народот“, тоа нема веќе ништо заедничко со првичниот демократски повик од Лајпциг во 1989 година. Тоа звучи како повик на изолирање. „Вие муслиманите не спаѓате тука, како и сите баратели на азил и бегалци !“ А Алтернатива за Германија притоа се става во улога на ментор на Пегида. Таа е парламентарен мегафон на улицата. Таа ги воведува протестите во парламентите. Алијанса со последици. Толку често фалена како центар на општеството, средна класа, забележително свртува во десно, опфаќајќи повеќе образовни и старосни групи граѓани.

Пегида- протест на Истокот пост-промените

Редовните набљудувачи на дрезденските понеделнички демонстрации од недела во недела откриваат обични домаќинки, малограѓански пензионери, млади академски образовани луѓе со деца, сложно обединети во молкот со неонацисти познати на Службата за заштита на уставниот поредок. Општествената ширина на движењето е загрижувачка: тоа е како еден источногермански генерален протест против мултикултурна западна Германија. Во меѓувреме, протестот се воопштува, се проширува на други теми. Гласни стануваат стравовите од осиромашување, преку тоа што мизерните пензии се ставаат во корелација со трошоците за згрижување на бегалците. Фактичките и наводните губитници на германското обединување за својата ситуација ги обвинуваат другите. Големо градилиште за партиите, но ним засега на памет им доаѓаат само гневни говори, а полето и‘ е препуштено само на Алтернатива за Германија.