1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој може да го запре „Амазон“?

Холгер Хајман / Александра Трајковска 1 август 2014

Со постојано нови иницијативи онлајн трговците на радикален начин го менуваат книгоиздаваштвото. Со неограничена понуда за електронските книги „Амазон“ создава монопол. Намерите на овој гигант одат уште подалеку.

https://p.dw.com/p/1CnVD
Фотографија: Fotolia/Markus Bormann

Од лабораторијата на „Амазон“ во САД доаѓаат сѐ поексплозивни мешавини. Најновата идеја е неограничена понуда на електронски книги т.н. „E-Book-Flatrate“. За 9,99 долари (околу 7,40 евра) месечно американските клиенти извесен период можат да избираат од каталог во кој се содржани преку 600.000 наслови. За оние кои многу читаат ова во прв ред личи на извонредна понуда. Оти за тие пари најмногу може да се добие едно џепно издание.

За останатите книгоиздаватели понудата би можела да има фатални последици. Оти со ова станува поневеројатно дека муштериите ќе се упатат кон книжарниците; електронските книги профитираат, додека печатените неизбежно паѓаат во втор план. Понудата која на пазарот се појави под слоганот „Kindle unlimited“ важи во прво време за муштериите на amazon.com, но порано или подоцна ќе се појави и на германскиот пазар, по американскиот втор по важност пазар за книги во светот.

Нема заштита при формирање на цените

Во Германија пазарот на книгите е регулиран со посебен закон кој им оневозможува на големите книжарници книгите да ги нудат поповолно отколку помалите. Во Здружението на германските книжари меѓутоа мораа да го прифатат фактот дека новата интернет флетрејд понуда не го крши законот, бидејќи тој се однесува на печатените изданија.

Symbolbild Amazon Deutschland Streik
Ниту лоши наслови во медиумите не можат да го сопрат „Амазон“Фотографија: Getty Images

Но, на „Амазон“ би можело да му биде тешко на германските читатели да им претстави атрактивен каталог со книги кои би можеле да бидат обработени. За тоа одлучуваат и издавачите, па така „Амазон“ зависи од нив во овој проект. Односите меѓу двете страни одамна не се без видливи иритации и спорови.

Мислењето на шефот на „Амазон“ Џеф Безос за односот со книгоиздавателите е содржано во изјавата: „Ќе ги гониме како што гепардите ги ловат газелите“. При неговите напори радикално да го промени пазарот на книги „Амазон“ постојано презема иницијативи и притоа се чини дека секое средство е оправдано. Одамна интернет гигантот ја користи својата доминација на пазарот, за каде што е можно самиот да ги диктира условите во преговорите со издавачите. Кој ќе му се спротивстави мора да смета на тоа дека ќе биде драстично казнет.

Огромен монопол

Во САД „Амазон“ доминира околу 60 проценти од пазарот со електронски книги, сѐ на сѐ, ако кон ова се дополнат и печатените наслови, секоја трета книга се продава преку овој портал. Во Германија сѐ уште постои раширена мрежа од книжарници, сепак 20 проценти од трговијата (и половина од бизнисот со електронски книги) се одвиваат преку „Амазон“. Ваквата позиција не ретко носи ароганција во преговорите со извачките куќи, а од тоа сега страдаат издавачите во САД и во Германија.

Во оваа земја во визирот на „Амазон“ паднаа издавачките куќи како „Ullstein“, „Piper“ или „Carlsen“, додека во САД води битка со една од петте најголеми идавачи „Hachette Book Group“. Станува збор за тоа да им се покаже на другите што може да им се случи. „Амазон“ наместо вообичаените 30 отсто бара дури 50 отсто попуст на електронските изданија на нивните книги. Ваква маржа досега имаше само за печатени книги. Ако издавачите не сакаат да ги прифатат условите на „Амазон“, концернот ќе ги испраќа нивните книги со големо задоцнување. Тоа би значело всушност бојкот на тие издавачи.

Paket des Versandhändlers Amazon auf dem Förderband
Концернот се заканува со задоцнета испоракаФотографија: Reuters

Притисок на акционерите

„Амазон“ го прифаќа и фактот што, барем привремено, и самиот ќе претрпи штети. Притоа притисокот на акционерите на онлајн порталот ќе се зголемува, откако концернот неодамна претрпе големи загуби и курсот на акциите падна за десет проценти. Сепак, Џеф Безос засега не се осврнува на вакви удари, оти сѐ е подредено на брзиот пораст на претпријатието.

Во ваков деловен свет останува малку простор за вредности како култура на книгата, издавачките куќи се одвишни. Според гледиштето на шефот на „Амазон“, тие само се испречуваат меѓу авторот и читачот. Тој најрадо би ги укинал. Во неговиот идеален свет има место за креативни автори кои пишуваат и за муштериите кои читаат, а меѓу нив стои единствено „Амазон“. Затоа концернот одамна се обидува да фати чекор во издаваштвото.

Протест на писателите

Но досега без посебен успех. Прилично е оскудно она што се појавува. Насловите од само-издаваштвото на „Амазон“ од страна на останатото книгоиздателство речиси и да не се сфаќаат сериозно. Ниту писателите досега не ги напуштија масовно книгоиздавателите за да преминат во „Амазон“ иако ги привлекува одлична понуда. Напротив, повеќе од 1.000 автори, меѓу нив и познати имиња како Џон Гришам и Стивен Кинг, неодамна потпишаа протестно писмо против ценовната политика на „Амазон“.

iPad mit Bücherwand auf dem Bildschirm
Со појавата на таблет-комјутерите „Амазон“ почна да ја полни својата дигитална библиотекаФотографија: picture-alliance/dpa

Дотолку поголемо внимание сега привлекува гласината дека „Амазон“ сака да го купи американскиот книгоиздавател „Simon & Schuster“, кој исто така се вбројува меѓу големите издавачки куќи на САД. Идејата воопшто не мора да биде чудна за „Амазон“. Безос неодамна го презема „Вашингтон пост“ и за тоа вели дека било експеримент на непознат терен. Доколку сега биде преземена и издавачка куќа и тоа би имало исто така експериментален карактер. Но, тоа би го приближило Безос до неговата цел, а тоа е: „Амазон“ да не биде само најголема книжарница и трговец со книги, кој одлично ги услужува своите муштерии, туку да се етаблира и како успешен издавач. Така можеби би можел да стане сериозна адреса за авторите.