1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој македонски спортист ќе ја исполни олимписката норма?

25 август 2011

Со почетокот на одбројувањето на последните 365 дена до ЛОИ во Лондон, организаторите ја интензивираат презентацијата на досега направеното. Деновиве од Лондон се врати спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски.

https://p.dw.com/p/12NPK
Фотографија: AP Graphics


„Пракса е на една година од Олимпијадата, организаторот да ги покани сите олимписки комитети. Тоа е за да се види во која фаза е организацијата на Олимпијадата. Иако имаше голем број скептици дека за оваа Олимпијада нема да биде на време се‘ готово, мислам дека таа ќе биде на високо ниво и дека спортистите ќе ги покажат своите најдобри перформанси“, вели Богоевски.

Собите во Олимпиското село без клима-уреди

Еден од најзначајните инфраструктурни сегменти е Олимпиското село, местото каде што во олимписките денови ќе живеат спортистите од целиот свет:

„Олимпиското село е скоро готово. Ние посетивме само една зграда во него. Имавме заедничка забелешка, бидејки собите се без еркондишн. Но,организаторот образложи дека нема потреба од клима уреди, бидејќи температурата во време на одржувањето на Игрите е нешто над 20 степени. Втората забелешка е на должината на креветите во собите, бидејќи сите спортисти, особено во екипните спортови, се над два метра. Но, голема работа за учесниците е што најголемиот број од објектите во кои ќе се настапува се само една уличка од Олимпиското село.“

Vladimir Bogoevski
Владимир Богоевски, спортски директор на МОКФотографија: Zlatko Kalinski

Пекинг 2008-ма година, со спектакуларните спортски објекти, се‘ уште е во прекрасно сеќавање на сите што беа дел од Олимпијадата. Може ли Лондон да го достигне тоа рамниште? Богоевски вели дека Лондон нема претензии да го брка совршенството на Пекинг:

„Мислам дека Англичаните се практични и не одат во насоката во која се одеше во Пекинг. Ова е приватна Олимпијада, за разлика од Пекинг, каде зад Игрите стоеше целата држава. Кина сакаше да покаже која е и што може да направи. Тоа не е цел на Англичаните и мислам дека нема шанси да го достигнат нивото што го постигна Пекинг.“

Себастијан Коу, првиот човек на Организациониот комитет, го врзува повеќегодишно пријателство со МОК. Богоевски ги открива деталите од средбата во Лондон со Себастијан Коу:

„Коу е наш добар пријател. Со него неколку пати се среќаваме. Целта на разговорот со него беше, ако е можно неколку месеци пред Олимпијадата, да обезбедиме сместување и подготовки за спортистите-учесници во Лондон. Договоривме Англискиот олимписки комитет да обезбеди 40 илјади долари, кои би ги искористиле македонските спортисти. Значи, секој спортист со обезбедена норма да оди на подготовки во Англија.“

Македонија со 6-7 спортисти на Олимпијадата?

На помалку од една година, ниту еден македонски спортист се‘ уште не успеал да обезбеди норма за учество на Олимписките Игри во Лондон. Се пали ли црвеното светло во МОК? Владимир Богоевски е оптимист. Вели, допрва се главните тестови за олимписките кандидати.

Olympia Bewerbung 2012
Кој ќе ја исполни нормата?Фотографија: AP

„Загрижени сме поради фактот дека се‘ уште немаме спортист со обезбедена норма, но да се надеваме дека кајакарот Атанас Николовски сега, за две недели, на Светското првенство ќе обезбеди норма, дека од двајцата борачи кои одат на претстојното Европско првенство, барем еден ќе обезбеди норма, дека боксерите Примислав Димовски или Мумин Вели ќе обезбедат норма. Се надеваме дека со 6-7 спортисти ќе одиме на Олимпијадата, а наша желба е да се учествува и во некој од колективните спортови.“

Автор: Златко Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска