1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дебата во Собранието за патриоти и квазипатриоти

ДТЗ /ДВ
30 декември 2020

Што беа Бугарите во Втората светска војна, окупатори или администратори? - е едно од прашањата коишто пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ги упатија до премиерот Зоран Заев

https://p.dw.com/p/3nO3h
 Mazedonien, Skopje: Parlamentssitzung über Verfassungsänderung
Фотографија: Regierung Mazedonien

Кој е патриот, а кој е квазипатриот? Што беа Бугарите во Втората светска војна, окупатори или администратори? Ова се само дел од прашањата околу коишто се дебатираше на последната собраниска седница годинава. Централно место зазеде расправата за спорот со Бугарија, околу којшто се кршат копјата со месеци наназад. Прашања поставуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а на нив одговараше премиерот Зоран Заев. Ова беше прво соочување на пратениците со Владата, преку пратенички прашања, по предвремените парламентарни избори коишто се одржаа на 15 јули.

Мизрахи и семејните фотографии

На собраниската говорница се појавија фотографии на народните херои Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Мучето, како и на блиски роднини на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ,  Рашела Мизрахи, која тврди дека биле жртви на бугарскиот фашистички окупатор. Мизрахи, раскажувајќи детали од историјата поврзани за нејзините претци, побара од премиерот Заев да прецизира дали Бугарија била администратор или окупатор.

-повеќе на темата: Заев до Каракачанов: Не сме легнале во 1943 година како Бугари, за потоа да се разбудиме како Македонци

„Дали господине Заев се уште стоите на ставот дека Бугарија во времето на Втората светска војна била администратор на Македонија, а не фашистички окупатор, оти мојата фамилија не е отепана со пенкало. Дали уште стоите на ставот дека бугарските војски ги ослободувале Крива Паланка, Куманово и Скопје? Свесни ли сте дека со изјавата за БГНЕС дека Петрич и Струмица зборат на ист јазик, дали е бугарски или македонски, сте на иста линија со негаторските политики на нашиот источен сосед со кои се негира постоењето на македонскиот јазик и негово сведување на нормата на бугарскиот јазик?“, праша Мизрахи.
Таа покажа фотографии од членови од своето семејство, кои, како што рече, за време на Втората светска војна биле товарени во воз од бугарскиот фашистички окупатор, однесени во логорот Треблинка и таму убиени, а жив останал само нејзиниот дедо. 

Хероите ги убил фашист, а не цели народи

Премиерот ѝ одговори дека Бугарија не била администратор во Македонија, била окупатор поради одлуката на тогашната власт и администрација во Бугарија, но тоа ’не ни дава за право да негуваме непријателски чувства кон целиот бугарски народ и бугарска држава’. „Фашист ги убил сите овие за кои вие зборувате, но не може да обоите цела една нација дека е фашистичка“, додаде тој.

-повеќе на темата: И Исус е Македонец - нова провокација од Бугарија

Според него, прашање е дали сега треба да се зборува со наратив кој ќе ги повредува соседите. „Јас можам да бидам 10 пати поголем квази патриот од вас, да се удирам во градите со однапред подготвени дискусии, ама мојот народ треба да седи во балканското сивило додека сите други народи ќе одат напред. Мора да зборуваме со европски јазик. Но, тоа не значи дека се откажуваме од минатото“, рече Заев. Премиерот е дециден дека фашизмот е карактеристика на поединецот, а не на цели нации. Нашиот народ, вели тој, не треба да заборава, ниту да простува, но треба да ја градиме иднината. 
За Договорот со Бугарија праша и пратеникот Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој се интересираше како премиерот од денешен аспект гледа на Договорот и дали не го смета за грешка членот од Договорот со кој се формира историската комисија меѓу двете земји, која  треба да решава за иднината на народите и државите.

-повеќе на темата: Сузане Шиц за бугарско-македонскиот спор: Разговорите мора да продолжат

„Не мислам дека е грешка, туку е исклучително исправно за државата да склучува договори со кои се бараат решенија со што ќе го гарантира европскиот пат на нашиот народ, што е стратешка определба на сите, но стратешки интерес е на нашиот народ кој е исклучително пријателски народ да гради пријателства и да избегнува секаков вид на кавги. Нашиот македонски идентитет и македонски јазик никогаш не биле на маса на преговори и разговори и никогаш нема да бидат“, рече Заев. Тој се надева дека Историската комисија ќе најде начини да ги дефинираа предизвиците кои се поставени пред неа. „Со Бугарија ја биев европската битка заради европска иднина на нашиот народ“, порача премиерот.