Кој го става на маса македонскиот идентитет?
7 април 2011Не е прв пат, во официјален извештај на европарламентот или документи на Европската комисија, македонскиот јазик да се заменува со „официјален јазик на земјата“. Екс-амбасадорот на ЕУ Ерван Фуере, пред крајот на својот мандат, при есенското претставување на официјалните оценки на Унијата за евроагендата на Македонија, беше остро нападнат во законодавниот дом. Реакциите на владејачките пратеници од ВМРО-ДПМНЕ беа испровоцирани од неидентификувањето и непризнавањето на македонскиот јазик во извештајот на ЕУ. Таквиот пристап на Брисел, во Скопје тогаш беше дочекан како загрозување на македонските идентитетски белези, со што спорот околу името во релациите Атина-Брисел-Скопје, се проширува и врз нив.
Очекувани реакции во земјата
Штом македонскиот јазик со заменува со термини „уставен“ или „официјален“, јавноста во Скопје не останува без реакција. Универзитетскиот професор и Људмил Спасов вели дека македонскиот јазик веќе со децении е етаблиран во лингвистичките и научните кругови.
„Тој е прифатен и изучуван и на светски универзитетти, а да не говориме за примената на литературниот македонски јазик во земјата. Но, најновата реакција на замена на именувањето на македонскиот јазик со терминот официјален е политичка агенда на политичарите во Брисел, но за тоа би ја обвинил, пред се‘ македонската актуелна власт која не седна со Грција да ги расчисти прашањата што се политички во врска со спорот околу името“, вели професорот од Скопскиот универзитет Људмил Спасов, лингвист и активист на опозициската СДСМ.
Екс-амбасадорот на Македонија во Софија Ѓорѓи Спасов, сега универзитетски професор, во разговор за ДВ предупредува на деликатната улога на привремениот известувач на европарламентот - бугарскиот социјалист Кристиан Вигенин.
„Во овој случај во основа бугарската позиција не е сосема чиста, зашто во билатералните разговори од 99-та година премиерите се спогодија да се користи терминот македонски јазик, според Уставот на земјата, како и бугарскиот јазик одреден според уставот на соседната држава, а договорите се потпишуваат на тие два јазика“, изјави професорот Ѓорѓи Спасов. Тој сепак укажува дека спорот за името одамна ги помина границите на решенијата само „околу промена на уставното име и се‘ подлабоко навлегува во идентитетските прашања кои би можеле да ги оспорат македонскиот јазик и национален идентитет“.
Според македонистот Људмил Спасов: „Се‘ подлабоко ќе запаѓаме во ваква криза во која се поставува под прашање македонскиот јазик и културниот идентитет, односно ќе се обноват некои стари сеништа од минатото“.
Меѓупартиски договор за компромисна формула за името
Но, за разлика од политиколог Ѓорѓи Спасов, како и професорот по македонски јазик и литература Људмил Спасов, екс-премиерот Љубчо Георгиевски, синоќа изјави дека „Во изминативе 15 години идентитетските прашања не беа на маса во преговорите со Грција. Зад нив се кријат актуелни фрустрации на некои политичари во Скопје“, кажа лидерот на ВМРО-Народна.
„Имам една теза, ако ние на маса им ставиме на Грците-дали вие ќе го признаете македонскиот идентитет, тие најверојатно ќе речат – не. Меѓутоа тоа не значи дека тука треба да завршат преговорите, затоа што едноставно ние знаеме дека идентитети, јазици, не се признаваат со декларации, тие се работа на секој народ, на неговата сила, на неговото конструктивно издигнување и неговиот квалитет како народ“, вели Георгиевски.
Екс-премиерот, кој ќе биде фронтмен на изборната кампања на неговата партија, понуди предизборна Декларација со која партиите што ќе ја формираат идната влада, ќе се обрзат, што поитно, да најдат компромисна формула околу името, земјата да влезе во НАТО и да добие датум за преговори со Унијата.
Со слична порака деновиве во Охрид ќе допатуваат претседателот на ЕК Жозе Мануел Барозо и еврокомесарот за проширување Штефан Филе, на крајот од својата балканска турнеја, со сугестија до македонските челници името да биде доминантна тема за решавање по изборите.
Автор: Александар Чомовски
Редактор: Жана Ацеска