1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Која е новата германска Прва дама?

ЖА / дпа
11 декември 2021

Брита Ернст е сопруга на новиот германски канцелар, таа и самата се занимава со политика. Новата германска Прва дама е министерка за образование во сојузната покраина Бранденбург.

https://p.dw.com/p/442zi
Deutschland Britta Ernst
Фотографија: BREUEL-BILD/dpa/picture alliance

Јоахим Зауер во изминатите 16 години беше воглавно во сенка на Ангела Меркел. Првиот господин и сопруг на германската канцеларка не се туркаше во прв план. Ги избегнуваше и медиумите, исклучително ретко даваше интевјуа.

Брита Ернст сака да продолжи со таа традиција. Сопругата на новиот германски канцелар Олаф Шолц и министерка за образование во Бранденбург, никогаш јавно не ги коментираше канцеларските амбиции на својот маж. На прашања за приватниот живот не одговара. Оваа 60-годишна жена на тој начин сака да спречи нејзината министерска функција на било каков начин да биде доведена во врска со политички многу поистакнатата позиција која од средата (8.12) ја извршува нејзиниот сопруг Олаф Шолц.

Прошетки и возење велосипед

На социјалните мрежи Брита Ернст повремено на своите следачи им прикажува како ужива во откривање на нејзиниот град Потсдам, во кој се наоѓа седиштето на бранденбуршката влада, односно околината – пешки или на велосипед. Оваа социјалдемократка објавува фотографии од природата, неделни есенски прошетки низ паркот Бабелсберг и на езерото Грибниц или се „пофалува“ со повремени посети на познатата Филхармонија Елба во Хамбург, каде оваа брачна двојка живееше до 2018 година.

Deutschland Britta Ernst
Брита Ернст, сопруга на канцеларот Олаф ШолцФотографија: Soeren Stache/ZB/dpa/picture alliance

Ернст е родена во Хамбург, нејзиното именување на должноста министерка за образование, млади и спорт во Бранденбург беше изненадување. Нејзиниот претходник, Гинтер Бааске се повлече од приватни причини.

Сегашната Прва дама стана министерка за образование во покраината Шлезвих-Холштајн, но по изборите во 2017 година мораше да го напушти кабинетот. Во владата на покраинскиот премиер Даниел Гинтер од ЦДУ тој ресор имено им припадна на демохристијаните.

Брачната двојка Ернст-Шолц нема деца, пред три години се преселиле во Потсдам, откако Шолц, бивш градоначалнк на Хамбург, ја презеде функцијата министер за финансии во владата на Ангела Меркел.

Воздржана и прагматична

Брита Ернст во јавноста се презентира како воздржана и прагматична, не дозволува лесно да биде исфрлена од такт, тоа се типични особини кои ги красат „северњаците“ во Германија. А во текот на пандемијата на коронавирус имаше полни раце работа со опозицијата во Бранденбуршкиот парламент или разни здруженија, кои ѝ префрлуваат дека како министерка потфрлила во кризниот менаџмент во училиштата.

Кој е Олаф Шолц?

Пред неколку дена организација која ги застапува интересите на родителите побара од неа да си поднесе оставка. Ернст не ги коментира тие барања, туку неуморно повторува кои сѐ мерки ги има усвоено покраинската влада за училиштата, од тестови за коронавирус па до задолжително користење заштитни маски.

Кога е во прашање новата политичка улога на нејзиниот сопруг, Ернст по правило молчи. Можеби тоа има врска со фактот што таа во 2011 година, кога нејзиниот сопруг стана  градоначалник на Хамбург,  морала да се повлече од Хамбуршкиот парламент, каде била пратеник од 1997 година.

„Депласирано прашање“

„Во ниедна област не е исправно промените кај партнерот да значат другиот партнер да мора да се откаже од нешто“, напишала таа тогаш. И самиот Шолц во текот на изборната кампања беше револтиран кога го прашуваа дали неговата сопруга ќе продолжи да работи ако тој победи на изборите.

Неговата сопруга е извонредна политичарка, изјави тој во интервју за „Бригите лајв“.

А во друга прилика, Олаф Шолц тоа прашање, кое според негово мислење никогаш не би му било поставено на сопругот на германската канцеларка, го нарече „целосно депласирано“.