1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корекција на курсот во Анкара - Ердоган во посета на Техеран

Томас Зајберт / Елизабета М. Фиданоска28 јануари 2014

Со својата посета на Техеран турскиот премиер Ердоган сака да ги подобри односите со Иран. Турција во изминатите години не си создаде многу пријатели меѓу соседите.

https://p.dw.com/p/1AyDN
Фотографија: Fotolia

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, кој последен пат во Техеран беше во 2012 година, има намера да води разговори за интензивна политичка и економска соработка. Турција и Иран имаат намера денеска (28.01) да потпишат договор за редовни консултации на високо ниво.

Турција, со оглед на олабавувањето на меѓународните санкции против Иран, се надева дека повторно ќе може да го зголеми увозот на нафта и гас од соседната земја. Под американски притисок, Турција, која до пред неколку години повеќе од половината од увезената нафтата ја добиваше од Иран, мораше да го редуцира увозот од оваа земја. Сега Анкара сака да ги заживее повторно заедничките проекти во сферата на енергијата, вели за Дојче веле Џелалетин Јавуз, заменик директор на тинк-тенк групата Турксам.

Проблеми во целиот регион

Турско-иранските односи во текот на изминатите години, меѓу другото, беа оптоварени со конфликтот во Сирија, каде Анакара ѝ дава поддршка на опозицијата, а Техеран има блиски врски со владата на претседателот Асад. Значителни разлики во ставовите има и во однос на тензиите во Ирак. Владата на Ердоган е во судир со шиитскиот премиер Нури ал-Малики, кој е партнер на Иран.

Türkei Erdogan
Ердоган сака да ги подобри односите со ИранФотографија: Getty Images

Посетата на Ердоган на Техеран, меѓутоа, нема за цел само да ги поправа билатералните односи. Турција во текот на изминатите години маневрираше во надворешнополитички офсајд во целиот регион. Таа еднострано поддржува сунитски групи, како Муслиманското братство, и често со своите ставови искажани со многу остар тон го навлекуваше врз себе бесот на регионалните сили. Ердоган, на пример, по соборувањето на египетскиот претседател Мохамед Мурси одбива да соработува со новите властодршци во Каиро, а и односите со Израел се во криза со години.

„Првокласна изолација“

Резултатот од ваквиот развој е регионално-политичка изолација на Анкара. Наместо да се постигне целта што ја формулираше министерот за надворешни работи Ахмет Давутоглу - „нула проблеми“, сега Турција стигна во фаза на „нула пријатели“, се потсмеваат критичарите. Турција, која себеси се гледа како сила во подем на Блискиот Исток, веќе нема амбасадори во важни земји, како Египет, Израел и Сирија, критикуваше неодамна весникот „Радикал“. Советникот на Ердоган, Ибрахим Калин, зборува за „првокласна изолација“: поради тоа што Турција се залага за вредности како демократијата, таа е отсечена од дел од силите во регионот, вели тој.

Globus Türkei Syrien
Турција не си создаде многу пријатели меѓу соседитеФотографија: Fotolia/rolffimages

Џелалетин Јавуз оваа реченица на Калин ја оценува како „прогласување банкрот“ на турската надворешна политика. Анкара направи грешка со тоа што премногу цврсто ги формулираше ставовите на повеќе полиња. Така, во случајот на Сирија Турција инсистира безусловно на соборување на Асад, што на надворешната политика и‘ ја одзема неопходната флексибилност. „Секогаш мора да постои план Б“, оценува Јавуз.

Политикологот Гоктурк Тујсузоглу од Унивезитетот Гиресун е сигурен дека во турската влада веќе се размислува за промена на курсот. Анкара е свесна за проблемите, оценува тој за ДВ. Но корекцијата нема да биде едноставна за владата на Ердоган, поради тоа што нагласено про-сунитската и антиизраелска линија во изминатите години беше многу омилена кај исламско-конзервативните избирачи.