1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Координативна средба за името кај претседателот Иванов

17 јуни 2009

Спорот со името треба да се реши со компромис, рамноправност и запазување на достоинството и принципите на Скопје и Атина. Ова го изјави шефот на дипломатијата Милошоски по координативната средба на државниот врв.

https://p.dw.com/p/IC8L
Претседателот Ѓорге ИвановФотографија: Petr Stojanovski

Македонскиот државен врв е подготвен во претстојната нова рунда најавена од медијаторот Метју Нимиц да вложи максимални напори за исчекор во дијалогот со Грција околу името, изјави министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, по средбата што ја свика претседателот Ѓорге Иванов, а на која учествуваа и премиерот Никола Груевски и вицепремиерот Абдулаќим Адеми. Тој најави дека на координациите околу името во иднина и понатаму ќе биде вклучуван вицепремиерот Адеми, како претставник на коалициониот партнер во Владата, но исто така и како легитимен претставник на македонските Албанци.

Mazedonien Außenminister Antonio Milososki zu Kosovo
Министерот за надворешни работи Антонио МилошоскиФотографија: AP

По однос на изнаоѓање решение за спорот Милошоски по средбата истакна: „Сметам дека за долгорочно и успешно затворање на овој спор навистина е потребно да има една средина, еден компромис, во кој ќе се чувствува одредена рамноправност и запазување на достоинството и принципите на двата субјекти вклучени во ова прашање“.

Тој изрази жалење што во Собранието изостана консензус по предлог државната стратегија за името, поднесена од пратеникот Стојан Андов. „Останува на Собранието да проценат кога и како можат да ја донесат оваа стратегија и основните насоки. Во секој случај важно е доколку истата биде донесена, да има широк консензус за тоа прашање“, изјави шефот на дипломатија Антонио Милошоски по координацијата на државниот врв.

Автор: АТ / макфакс

Редактор: Александра Трајковска