Конечно, мир во Колумбија!
26 септември 2016Потпишувањето на мировниот договор во Картахена меѓу владата и герилците на ФАРК претставува успешно окончување на долгогодишните и макотрпни преговори. Ништо повеќе. Се‘ додека граѓаните на Колумбија не се изјаснат недвосмислено и јасно за мирот, историскиот потпис ќе остане само административен акт.
Согласноста ни оддалеку не е сигурна, иако анкетите на прв поглед тоа го ветуваат. Излезноста исто така ќе игра улога, како и увереноста на многумина Колумбијци дека отфрлање на договорот едноставно би значело продолжување на преговорите, но со подобар исход. На тоа цели кампањата на противниците на договорот, под мотото - „не“ би значело вистинското „да“ за мир.
Спорен мировен договор
Од европска перспектива, неуспехот на мировниот договор на референдумот е незамисливо, отфрлање уште помалку. Од меѓународен аспект, постигнувањето мир по цели 50 години граѓанска војна е доволна причина сама по себе за јасна согласност за овој во Колумбија спорен договор. Вооружениот конфликт однесе преку 200.000 жртви, преку пет милиони луѓе се бегалци во сопствената земја, безбројни луѓе се ранети, осакатени, силувани, украдени им се шансите за иднината. Мировната спогодба е единствена шанса да се стави крај на оваа грозотија, никој не би требало да биде против!
Тоа е преовладувачката позиција на меѓународните набљудувачи, а токму оваа речиси едногласна поддршка кон мировниот договор на претседателот Сантос посебно ги огорчува противниците. Освен тоа, на контра-кампањата и‘ дава материјал за теории на заговор. Затоа е толку важно да им се посвети внимание на аргументите на противниците на мировниот договор и да се сфатат сериозно нивните стравови. Грубо гледано, тие можат да се сврстат во две категории: жртви и неинволвирани.
Незаинтересирани се жителите на градовите, претежно богатите. Мнозинството од нив, живеејќи во безбедни услови, граѓанската војна ја имаат доживеано само од вестите. Конфликтот во Колумбија се одвива во селата, а жртвите кои успеваа да стигнат во градовите, живеат во сламови, во кои богатите никогаш не стапнале со нога. Овие неинволвирани стравуваат дека мировниот договор ќе доведе до комунизам, па така тие ќе станат жртви на неслобода и експропријација. Зашто, револуционерно-комунистичката ФАРК ќе добие шанса за сосем нормално политичко дејствување. Но, политичките организации - следбеници на ФАРК, нема да освојат мнозинство. Самиот факт што бунтовниците доброволно се откажуваат од борба, е најдобар доказ дека нивната идеологија не постигнува победи.
Историското искуство поучува на компромиси
Тоа што во странство нема никакви задршки кон мировниот договор, патем се должи на историското искуство, на германското на пример. По падот на Берлинскиот ѕид, на Социјалистичката партија на единството во ГДР дури и беа дозволени посебни правила за да може да влезе во Бундестагот. Нејзината партија-следбеничка до денес има бројни гласачи, дури предводи и една покраинска влада. Но, Германија не потпадна под комунизам, а политичар каков што е Мануел Сантос во Германија би се сметал за конзервативен социјалдемократ.
Потешко би било во мировниот договор да бидат убедени жртвите. Зашто, точно е дека тие нема да добијат правда. Мирот, поточно кажано, задоволувањето на општеството, има исто толку малку врска со праведноста, колку што правната држава има со моралот. Колумбиското преодно судство на многумина деликвенти-покајници им отвора простор за поблаги казни, а на поранешните бунтовници исто така и политички функции. Тоа е навистина горчливо. Но, и овде историското искуство на многу земји покажува дека до ново, мирољубиво општество не може да се стигне без болни компромиси. Дали во Чиле, Јужна Африка или Северна Ирска, никаде не беа казнети сите виновници. Беспоштедно соочување со минатото е можно дури долго по новиот почеток, тоа Германците двапати го научија.
Но, за нов почеток вреди да се плати ваква цена. Мирот налага компромиси, а ќе биде потребен долг и секојдневен ангажман додека колумбиското општество вистински оздрави. Но, без мир, нема ништо.